Франција: Студентите и средношколците повикаа на учество на протест на „Жолтите елеци“
Студентските и средношколските организации во Франција денеска повикаа на мобилизација и учество на митингот на „Жолтите елеци“ в сабота, нагласувајќи дека нема да се откажат од ниту едно од нивните барања.
„Нема да се откажеме и нема да правиме компромиси. Ве покануваме сите да се придружите на движењето „Жолти елеци“ в сабота за конечно да ја оживееме оваа борба“, изјави претседателот на Унијата на средношколци (USL) Ријад Рани за време на денешниот марш на студенти и средношколци во Париз, пренесува Фигаро.
„В сабота, каде и да бидат презентирани нашите барања, ние ќе бидеме присутни“, изјави генералниот секретар на синдикатот на просветни работници Снес-ФСУ Софи Венитетеј.
Главните младински организации веќе неколку дена бараат да бидат примени од францускиот премиер Себастијан Лекорни.
Денеска низ цела Франција се одржаа демонстрации на средношколци, со што започна петтиот бран мобилизација со барање за повеќе средства за училиштата и образованието, при што студентскиот сојуз тврди дека 90 проценти од факултетите во земјата се блокирани или затворени.
Министерството за внатрешни работи на земјата објави дека низ цела Франција се одржани 360 демонстрации пред училишта, каде што се собрале околу 30.000 луѓе, додека 21.000 демонстранти учествувале во маршевите што веќе започнале до пладне. Податоците на Министерството за високо образование за прекини во работата ги вклучуваат универзитетите што се блокирани, окупирани или административно затворени, како и институциите погодени од други форми на блокада.






