Уапсен уште еден маж во Полска поради закани за убиство на Доналд Туск


Полската полиција уапси 46-годишен маж осомничен дека преку интернет јавно повикувал на убиство на премиерот Доналд Туск и други високи државни функционери. Апсењето било извршено во градот Оборники, во западниот дел на централна Полска.

Портпаролот на полската влада, Адам Шлапка, ја потврдил информацијата, пренесува ТВП Ворлд, повикувајќи се на полски медиуми и новинската агенција ПАП.

Според полското државно обвинителство, против осомничениот е поднесено обвинение за поттикнување убиство, како и за навреди кон премиерот Туск, претседателот на Сејмот, Влодимеѓ Чажасти, и новинар на полската телевизија ТВП Инфо.

Тој е обвинет и за навреди кон министерот за одбрана Владислав Косинијак-Камиш, пратеникот Кшиштоф Пашик и поранешниот полски претседател Лех Валенса.

Приведувањето на 46-годишникот се случило само еден ден по апсењето на друг маж, на возраст од околу 60 години, кој, според претходните информации, бил осомничен за закани и планирање напад врз премиерот Туск и министерот за одбрана.

Во меѓувреме, полските безбедносни служби одржале вонреден состанок по добиени информации преку електронска пошта за можен напад врз Туск и Косинијак-Камиш.

Back to top button
Close