Афери и обвинувања за луксузни подароци: Амбасадорката на Трамп во Грција заминува од функцијата

Американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, поднесе оставка откако Белата куќа потврди дека претседателот Доналд Трамп побарал таа да ја напушти функцијата.
Гилфојл, поранешна свршеница на Доналд Трамп Помладиот, соопшти дека функцијата амбасадорка на САД во Грција била голема чест за неа. Во објава на социјалната мрежа Икс им се заблагодари на Трамп и на државниот секретар Марко Рубио за укажаната можност.
Таа ги отфрли обвинувањата за неправилности што во изминатите недели се појавија во американските медиуми.
„Овие обвинувања се лажни и имам намера решително да го бранам своето име, угледот и интегритетот“, порача Гилфојл, додавајќи дека нема да дозволи таквите тврдења да остават белег врз нејзините децении работа во јавната служба.
Оставката доаѓа по медиумските извештаи за наводно прифаќање луксузни подароци, патувања со приватни авиони на сметка на грчки бизнисмени и фаворизирање деловни интереси.
Меѓу посериозните наводи е тврдењето дека Гилфојл побарала 100.000 долари од републиканскиот донатор Ерик Детерс за да го покрие долгот на својата кредитна картичка „Американ експрес“. Според објавените информации, таа наводно му понудила пристап до високи функционери во администрацијата на Трамп.
Американските медиуми објавија и тврдења од вработени во амбасадата за нејзиното однесување кон персоналот. Во еден од наведените случаи, таа наводно побарала член на обезбедувањето да ѝ донесе мраз за пијалак во четири часот наутро.
— реклама —
Според Си-ен-ен, Канцеларијата на генералниот инспектор на американскиот Стејт департмент ги истражува обвинувањата против Гилфојл. Нејзините адвокати претходно ги отфрлија наводите, тврдејќи дека таа постапувала во согласност со прописите.
Белата куќа потврди дека од амбасадорката било побарано да поднесе оставка. Трамп претходно изјавил дека не е задоволен од нејзиното однесување и дека размислува за нејзина смена.
Гилфојл ги негира обвинувањата и најави дека ќе го брани својот углед.






