Хезболах им обезбедува финансиска помош на Либанците чии домови беа уништени во војната со Израел
Хезболах ќе исплати до 14.000 долари помош на семејствата чии домови во Либан беа уништени за време на војната со Израел, изјави денеска шефот на Извршниот совет на групата, Али Дамуш.
На прес-конференцијата, Дамуш ја обвини либанската држава дека не ги исполнила своите обврски во обезбедувањето помош на раселените лица.
Тој рече дека семејствата кои ги загубија своите домови во Бејрут и неговите јужни предградија ќе добијат по 14.000 долари, додека оние од другите делови на Либан ќе добијат 12.000 долари.
Секоја уплата вклучува 8.000 долари за мебел, а преостанатиот износ е наменет за кирија.
Дамуш не прецизираше колку семејства ќе добијат помош или колкав ќе биде вкупниот износ на плаќањата.
Парите најверојатно потекнуваат од Иран, кој со децении го снабдува Хезболах со милијарди долари и оружје.
Ова беше првата прес-конференција на групата за вакви исплати од двете најнови војни со Израел, во кои загинаа повеќе од 8.000 луѓе и беа уништени десетици илјади домови во Либан.
Во последниве години, САД ги заострија санкциите врз поединци и институции за кои Вашингтон вели дека Хезболах ги користи за внесување пари во Либан.






