Глобалната борба против гладот стагнира, а состојбата во субсахарска Африка се влошува

Напредокот во борбата против гладот во светот во голема мера стагнира, додека состојбата во субсахарска Африка се влошува од 2018 година, се наведува во два извештаи објавени пред Светскиот ден на храната – 16 октомври.

Седум од осум земји во кои нивото на глад е оценето како алармантно се наоѓаат во тој регион, како и трите најголеми акутни прехранбени кризи во светот.

Глобалниот индекс на глад што денеска го објави германската хуманитарна организација „Велтхунгерхилфе“ (Welthungerhilfe) и две партнерски организации, бележи пораст во споредба со 2018 година, што е прво такво зголемување во евиденцијата што датира од 2000 година.

Нивото на глад се влошило во 32 земји, додека кај 20 држави е забележан мал напредок.

Индексот ги зема предвид недоволната исхранетост, неухранетоста кај децата и смртноста кај децата.

Според анализата на хуманитарната организација „Акција против гладот“ (Action Against Hunger), минатата година околу 266 милиони луѓе во 47 држави и територии се соочиле со високо ниво на акутна несигурност во снабдувањето со храна. Две третини од нив отпаѓаат на само десет региони.

Вооружените конфликти што предизвикуваат раселување на населението и уништување на неговите извори на егзистенција, се главни причини за таквата состојба, соопшти организацијата, додека сушите, поплавите и високите цени на храната дополнително ја влошиле ситуацијата.

Дополнително, во периодот од 2022 до 2025 година финансирањето на хуманитарната помош со храна во кризичните региони било намалено за 59 проценти, што довело до кратења во програмите за помош и отежнато следење на прехранбените кризи.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) соопшти дека во 2025 година е забележан благ глобален пад на хроничниот глад, на 645 милиони луѓе.

Сепак, таа бројка се заснова на различен показател од оној што се користи за процена на акутните прехранбени кризи.

Back to top button
Close