Ако на крајот има пари за сите, зошто банката мораше да оди во стечај
Трифун Костовски
Почитувани читатели,

Веќе шест години, секоја вечер пред да заспијам и секое утро кога ќе се разбудам, си го поставувам истото прашање, зошто Еуростандард банка беше однесена во стечај?
Ниту е суета, ниту неприфаќање на пораз. Мојата лична голгота ја засега цела Македонија и кога се борам за лична правда, се борам и за колективна правда и право. Во животот сум имал и успеси и неуспеси. Патем, секој неуспех ме обликувал да се трудам повеќе, да бидам упорен и истраен. Никогаш, ама буквално никогаш не сум посегнал по нешто што не било мое, чесно заработено. Затоа ми е тешко, ме боли неправдата. Сум се трудел стекнатото да го споделувам првин со семејството, па пријатели, со познати но и непознати, луѓе кои никогаш претходно не сум ги сретнал, а им требала помош. Хуманоста не ,,фаќа врски”, не бара услови и не очекува ништо за возврат. Можеби сум бил наивно умислен дека секогаш доброто со добро се враќа. Никогаш не зажалив што правев добрини, што безусловно помагав, тие ми даваа мотив да продолжам.
Капиталот го стекнав работејќи надвор од Македонија и токму затоа што ја сакав Македонија, капиталот го вратив дома. Не се вратив за да земам, туку да вложувам. Мојата желба беше да придонесам во економскиот развој на земјата и да создадам работни места за моите сограѓани.
На почетокот на 2000-тите, компаниите во кои инвестирав имаа повеќе од 1.500 вработени. Моето правило секогаш беше за доброто на вработениот. Тој мора да биде почитуван и навреме платен. Денес, по стечајот на Еуростандард банка и сите последици што следеа, во компаниите поврзани со моето семејство работат едвај околу 150 луѓе, но правилото остана исто.
ОВА НЕ Е МОЈА ФАЛБА
Почитувани читатели,
Не пишувам за да се фалам, ниту да се жалам, туку сакам да знаете од каква животна позиција ја водам оваа борба. Имам потреба да ме разберете, токму вие, граѓаните на саканата Македонија. На социјалните мрежи читам разни, често недолични коментари од луѓе што не ме познаваат. Никогаш не ме запознале, а така лесно ме прогласуваат за криминалец или тврдат дека капиталот сум го стекнал нечесно. Нека ме осудуваат, јас не им судам, нивно право да си кажат свое мислење. Но, не можам да разберам од каде таа крвожедност да се навредува човек кој има стекнато капитал и веднаш да се етикетира како крадец! Кој е богат мора да е крадец, оти со чесност никој не се збогатил. Како да е невозможно човек од Македонија да успее надвор од земјата, да заработи чесно и потоа капиталот да го врати во својата татковина.
Понекогаш се прашувам, дали е до моето потекло. Ако дојдов во Македонија со англосаксонско, француско или латиноамериканско презиме, дали на мојата инвестиција ќе се гледаше како на странска инвестиција и толку.
Не го знам одговорот, но знам дека капиталот нема националност кога треба да се инвестира, но ако сопственикот одеднаш добива националност Македонец, тогаш мора да биде осуден од јавноста.
ВЛЕГУВАМЕ ВО СЕДМАТА ГОДИНА
Случајот Еуростандард банка веќе влегува во седмата година, а стечајната постапка продолжува да наплатува средства. Според информациите со кои располагам, постојат сериозни индикации дека преостанатите доверители, правни и физички лица, вклучително и Фондот за осигурување депозити, можат да бидат целосно намирени..Постојат и индикации дека по завршувањето на наплатите во стечајната маса би можела да остане вредност и за акционерите.
Овие податоци треба конечно да бидат потврдени со официјалната состојба на стечајната маса. Ако се потврдат, се наметнува едно огромно прашање:
Ако на крајот се намирени доверителите и останува вредност за акционерите, тогаш прашањето за неопходноста на стечајот станува уште покомплексно. Се надоврзуваат низа прашања:
Зошто тогаш Еуростандард банка мораше да престане да постои?Зошто немаше друга мерка? Зошто немаше подолг период за санација? Зошто не беше применета администрација?Зошто не беше дадена реална можност на нов инвеститор?
Се наметнува логично прашање до Институцијата Народна банка, да објасни дали на 12 август 2020 година не постоела друга реална опција?
КОЈ ЈА ПЛАТИ ЦЕНАТАПоследиците од одземањето на лиценцата не ги почувствуваа само акционерите. Ги почувствуваа клиентите, вработените, деловните партнери, а една од најголемите индиректни последици ја почувствува и Македонска пошта.
Еуростандард банка и Македонска пошта имаа долгорочен договор за соработка. Во приближно преку 300 поштенски филијали банката извршуваше значаен дел од платниот промет. Според податоците со кои располагам, месечно се реализираа околу 1,4 до 1,6 милиони платежни трансакции. Приходите од тие трансакции се делеа две третини во корист на Македонска пошта, која, според нашите пресметки, остваруваше значителен месечен приход од оваа соработка. Преку таа мрежа беа подмирени десетици илјади пензионери..Со стечајот на банката, тој систем практично исчезна.
Тврдам дека лошата состојбата во Македонска пошта денес се должи токму од губитокот на месечни приходи од страна на Еуростандард банка кои изнесуваа на месечно ниво меѓу 400.000 и 500.000 евра.
Прашувам отворено, кој е одговорен за ваквиот губиток на Македонска пошта, колкав беше економскиот удар врз Македонска пошта од прекинот на оваа соработка и дали некој некогаш го пресметал?
Последиците од една регулаторна одлука не завршуваат со банката. Тие се пренесуваат врз вработените, клиентите, партнерите, државните компании и целата економија.
ЗАТОА ПРАШАЊЕТО ПОВЕЌЕ НЕ Е САМО МОЕ
Ако конечната состојба на стечајот покаже дека средствата биле доволни за значително намирување на обврските, тогаш мора да се направи сериозна ретроспективна анализа за тоа, каква била реалната состојба на банката во август 2020; колкава била ликвидноста; колкав бил капиталниот недостаток; каква била вредноста на портфолиото и обезбедувањата; колку од тие побарувања подоцна биле наплатени?
И најважното од сѐ,дали стечајот бил единственото пропорционално решение?
Oва не се прашања што ги поставувам од лутина, туку прашања со кои вистински треба да се занимава ОЈО ГОКК.
ОДГОВОРНОСТА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ АПСТРАКТНА
Почитувани читатели,
Доколку институциите постапиле правилно, нека ги покажат документите, на база на какви факти се донесени и конечно, кој е авторот или одговорното лице што потпишале такви документи кои немаат ништо заедничко со денешниве факти за целата стечајна постапка.
Кој ја сноси одговорноста за последиците?
Институцијата најнапред, ама и лицата кои биле на одговорни функции во Народна банка.
НА КРАЈОТ ЌЕ ОСТАНАТ БРОЈКИТЕ
Не планирам да се расправам со навредите на социјалните мрежи, На нив нема да одговарам, времето кое работи за правдата ќе им одговори. Времето за навреди ќе помине, а документите ќе останат.
Не можам денес да тврдам како утврден факт, дека стечајот бил направен со умисла. Можам да кажам нешто многу посериозно.
Ако конечните бројки покажат дека сите обврски можеле да бидат покриени, тогаш Народна банка ќе мора да објасни зошто една банка морала да биде уништена.
И тоа прашање нема да исчезне, како ни заклучокот!
ЗАКЛУЧУВАМ
Ако на крајот има пари за сите, тогаш Народна банка ќе мора да одговори зошто ја одземала лиценцата за работа на Еуростандард банка да таа исчезне.
Продолжете со навредите, да пукате и да се препукувате, но мојата мисија е за општо добро, затоа продолжувам!





