Клековски: Нема здравствен случај кај Михаилова, бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум кој ќе го потврдеше тоа

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека бегството на Ива Михаилова во Бугарија се случило пред доаѓањето на бугарскиот лекарски конзилиум во Македонија. Според него, проверките од странските и домашните лекари брзо ќе покажеле дека не постојат медицински причини за нејзиното лекување во странство.
„Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш работите ќе излезеа на виделина какви што се. Јас патувам во Софија и ќе разговарам со нивното Министерство, бидејќи во основа таму нема здравствен случај“, истакна Клековски при денешната посета на Клиничката болница Штип.
Ива Михаилова од понеделникот е во Бугарија, а во изјава за бугарскиот медиум БТВ таа рече дека одлуката да замине е поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа.
Против Михаилова, жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Во текот на процесот, таа тврдеше дека е жртва на дискриминација поради тоа што има двојно македонско и бугарско државјанство и дека не ѝ се дозволува заминување на лекување во Бугарија.
Основниот суд во Кочани вчера ѝ одреди 30-дневен притвор на Михаилова, одлука која е донесена по предлог на кочанското основно јавно обвинителство.
За Михаилова во моментов е распишана меѓународна потерница. Меѓународната потерница е активна и за нејзиниот татко, Симеон Михаилов, кој претходно исто така има побегнато во Бугарија по изречената затворска казна од 12,5 години за случајот „Детонатор“.
Извор: 360stepeni.mk






