Апасиев го прашува Мицкоски за баџанакот: Колку од неговите донации се патриотизам, а колку испран бугарски капитал?

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на денешната седница за пратенички прашања, со фотографии, имиња и визуелизација на мрежа од компании ги отвори прашањата за бизнисите на баџанакот на Мицкоски, Јорданчо Јанев – Дано, и неговиот братучед Дончо Карастоев. Баџанакот на Мицкоски има шест компании, четири во Македонија и две во Бугарија.
„Станува збор за мрежа од 15 компании, дел од нив регистрирани во Бугарија, партиски донации и општински тендер за фирма поврзана со прочуениот баџанак на Мицкоски. Како што во Римската Империја сите патишта водеа во Рим, така во вашата империја сите патишта водат во Струмица“, порача Апасиев, прикажувајќи ја деловната пајажина пред собраниската говорница.
„Бутик за гаќи и прслуци мора да има во шемата, исто како во времето на СДС“, иронизираше Апасиев, набројувајќи ги фирмите на братучедот. Тој рече дека баџанокот Јанев добил бугарско државјанство во 2017.
За тендерот за свечен ручек за 250 гости во Струмица Апасиев кажа: „Општина која има јавен долг од 16 милиони евра, првиот тендер го дава на фирмата на вашиот баџанак“, кој истовремено бил кум и покровител на прославата.
„Сакам конечно да расчистиме колку овие донации се патриотизам, а колку се испран бугарски капитал, колку политиката ваша е народна, а колку е фамилијарен бизнис-план“, истакна Апасиев, завршувајќи со прашање до Мицкоски: „Ако фирмата на вашиот баџанак можеше да го добие првиот празничен ручек во Струмица, а неговите фирми во Петрич тивко да си работат преку граница, дали тоа значи дека во вашето поимање на владеењето на правото, единственото нешто што циркулира навистина слободно помеѓу Македонија и Бугарија е профитот за вашите роднини?“
Во одговорот премиерот Мицкоски во невообичаено помирен тон го нарече Апасиев „кукавица“, го повика овие негови обвинувања да ги каже надвор од Собранието и за тоа ќе добие тужба. И го поправи велејќи дека Јорданчо јанев се стекнал со бугарско државјанство уште во 2003 година. Мицкоски нагласи дека Јанев како дете на стечајци трудољубиво работел и се стекнал со имотите.
Мицкоски додаде дека тој околу ова прашање бил инфериорен затоа што не можел да одговори откако Апасиев ќе се изјаснел дали е задоволен од неговиот одговор.
„Од сѐ што кажавте, најточно е само дека сте инфериорен. Но, треба да дополните дека сте инфериорен сноб кој носи часовници од 60.000 евра и мисли дека тоа ќе направи некоја поголема вредност“, реагираше потоа Апасиев.
Апасиев најави дека за прашањата поврзани со таканаречениот „кукавичлук“ ќе следуваат дополнителни откритија, бидејќи Левица располага и со други документи кои засега нема да бидат објавени, за да не се открие сè во една епизода.
Извор: nezavisen.mk






