(ВИДЕО) Апасиев го праша Мицкоски за бизнисите на баџанакот, а премиерот му порача обвинувањата да ги докаже на суд
На денешната собраниска седница наменета за пратенички прашања од опозицијата дојде до вербален судир меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на партијата Левица и пратеник Димитар Апасиев, кој беше проследен со обвинувања, навреди и меѓусебни прозивки.

Апасиев го праша Мицкоски за бизнисите на неговиот баџанак Јорданчо Јанев, познат како Дано, фирмите што ги има во Македонија и Бугарија, како и за тендерот за угостителска услуга од Општина Струмица. Премиерот ги отфрли изнесените наводи и го повика Апасиев да ги повтори јавно надвор од собранска говорница, за потоа да може да ги докаже пред суд.
„Почитуван премиер, денеска ќе ве прашам за тема, во која вие сте најјак, а јас сум најслаб, а тоа е бизнис. На последните пратенички прашања реков дека прашањата ќе ми бидат директни со имиња и презимиња и со слики. Еве слика од вашиот баџанак, лицето Јорданчо Данев-Дано. Има и песна, аџанак-банаџак, на кој му стиска нека дојде. Еве мене ми стиска, па дојдов. Тоа е сродство по сватовство. Значи сопругот на сестрата на сопругата е баџанак. Овој баџанак на премиерот е многу плоден бизнисмен. Тој има и бугарско државјанство“,вели Апасиев.
Според податоците што од собраниска говорница ги презентираше Апаисев, баџанакот на Мицкоски е поврзан со најмалку шест компании, од кои четири во Македонија и две во Бугарија. Меѓу нив ги наведе „Дано транс“, „Интерпласт груп“, „Шалом фуд груп“ и новооснованите „Шалом деливери“ и „Д-Дигитал конто“.
Дел од компаниите, како што рече, остваруваат милионски приходи, а во нив се појавуваат роднински и деловни врски.
Според Апасиев, дел од компаниите се основани и по промената на власта во 2024 година, a во излагањето посочува и на деловни врски со братучедот на Јанев, Дончо Карастоев, за кого презентира дополнителна мрежа од девет компании.

Апасиев изнесе обвинувања и за деловните активности на Јанев и неговите наводни деловни партнери, посочувајќи дека во 2024 година била основана фирмата „Шалом деливери“, чии содружници, според него, се поврзани со овие бизниси. Како пример го наведе тендерот за свечен ручек за 250 гости по повод празникот на Светите Тивериополски свештеномаченици, за кој тврди дека го добила фирма поврзана со баџанакот на премиерот.
Оцени дека е спорно што, како што рече, првиот тендер на Општина Струмица под новото раководство бил доделен на фирма поврзана со роднина на премиерот, особено затоа што Јанев, според неговите тврдења, бил и кум и покровител на прославата.
Се осврна и на донациите за ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека директорката на фирма за консалтинг и сметководство, која ја поврза со Јанев, донирала 2 500 евра на партијата. За Јанев, пак, рече дека од 2019 година, според јавно достапните информации, донирал вкупно 20 000 евра.
Апасиев спомена и наводна хациенда во Струмица, чија вредност ја процени на два милиони евра, како и можни деловни активности поврзани со државно земјиште и субвенции, но нагласи дека за дел од овие тврдења нема потврда.
Апасиев рече дека и братучедот на Јанев донирал 5 000 евра за изборите во 2024 година, по што отвори прашања за потеклото на донациите, поврзаноста на политиката со семејните бизниси и можниот судир на интереси.
„Сакам конечно да расчистиме колку овие донации се патриотизам, а колку се испран бугарски капитал, колку политиката ваша е народна, а колку е фамилијарен бизнис-план, и да видиме кога границата меѓу власта и семејниот бизнис исчезнува, дали корупцијата е поединечен случај или е модел на управување и владеење“,рече тој.
На крајот од излагањето, тој го сумира прашањето до премиерот со забелешка за фирмата на неговиот баџанак, која го добила празничниот ручек во Струмица, додека неговите фирми во Петрич работат преку границата.
„Дали тоа значи дека во вашето поимање на владеењето на правото, единственото нешто што циркулира навистина слободно меѓу Македонија и Бугарија е профитот за вашите роднини?“,праша Апасиев.






