Црногорски државјанин „летал“ со 185 км/ч на автопатот Скопје – Табановце, приведен на граничниот премин
Црногорски државјанин бил лишен од слобода на граничниот премин Табановце, откако системот „Безбеден град“ утврдил дека на автопатот Скопје – ГП Табановце управувал со возило со брзина од 185 километри на час, иако на тој дел од патот максимално дозволената брзина е 100 километри на час.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот се случил на 14 октомври 2026 година, во 14:25 часот, кога полициски службеници на излез од државата го провериле патничкото возило „БМВ“ со црногорски регистарски ознаки.
При проверката било утврдено дека возачот, М.Н. (34) од Црна Гора, бил евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик, кое се однесува на безобѕирно управување со моторно возило.
Прекршувањето претходно било регистрирано на автопатот Скопје – ГП Табановце, кај клучката Дељадровци, каде што возачот се движел со 185 километри на час.
Црногорскиот државјанин бил спроведен во полициска станица. Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.






