Калајџиев: Случајот на Груби е монтиран од почеток, спорот со Лотарија не е кривичен и е доста контроверзен
Циркусот со прославата за пуштањето на Груби од притвор е познато сценарио на албанскиот политички блок и не придонесува за градењето доверба“, вели проф. Калајџиев за „Локално
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, а кој излезе од куќен притвор откако мерката му беше укината по сила на законот, пред две вечери во скопски Чаир од своите сограѓани беше пречекан со факели и чадни бомби. Груби завчера излезе од куќен притвор бидејќи истече максимално предвидениот законски рок за оваа мерка. Според судското соопштение, согласно член 470 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), мерката притвор односно куќен притвор по поднесен обвинителен предлог не може да трае подолго од 60 дена.

Одбраната тврди дека Груби не бил организатор и дека собирот немал политички карактер. Се оградуваат од настанот. Дел од јавноста е огорчена поради триумфализмот и прославата и прашуваат дали правосудството е само „театарска сцена“. Универзитетскиот професор и познавач на состојбите, Гордан Калајџиев за Локално вели дека случајот на Груби е политизиран (монтиран) од почеток. Според него, спорот со „Лотарија“ не е кривичен и е доста контроверзен.
“Се работи за тоа дали „Државната лотарија“ има право да организира електронски игри на среќа, па не е баш јасно дали воопшто има некаква штета за „Државната лотарија“. Мислам дека нема простор за кривична одговорност. Од друга страна, циркусот со прославата за неговото пуштање од притвор е познато сценарио на албанскиот политички блок и не придонесува за градењето доверба, истакнува професорот во изјава за „Локално“.
Уште еден случај ја бранува македонската, но и соседската – бугарска јавноста, а тоа е бегството на Ива Михаилова. МВР сè уште истражува како Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со еден загинат и тројца повредени, за која е распишана меѓународна потерница и ѝ е определен 30-дневен притвор, заминала од Македонија и дали поминала на легален граничен премин. Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди, преземаат соодветни активности за утврдување на околностите.
Од Правда чекаат официјално известување од МВР дали Михаилова е уапсена или лоцирана во друга држава, за да може да почне постапката за екстрадиција. Сепак, тоа не значи дека бугарските власти се должни автоматски да ја уапсат и да ја предадат на македонските институции, бидејќи според законот, бугарски државјани не се екстрадираат.
На политичката сцена продолжуваат обвинувањата меѓу власта и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ со директно прашање до Филипче, дали е точно дека заедно со Заев, им ветиле на блиски соработници на Румен Радев, дека можат да изготват медицински извештај за Михаилова оти нејзиното натамошно лекување нема да може да се спроведува во Македонија, туку во соседна Бугарија.
„Зад грбот на народот, „под радарот“, се договорија со Бугарија и ја пуштија Ива Михаилова преку граница“. Се повикува амбасадорот на Бугарија, се распишува потерница, се бара притвор, префрлаат одговорност на некој друг, се тера медиумска кампања, криви им се Филипче, Заев, СДСМ, велат од опозициската партија.
Калајџиев смета дека случајот со Ива е како некоја турска тв серија.
Медиумите и политиката без потреба му придаваат значај. Македонија ќе бара екстрадиција и речиси сигурно нема да ја добие. Правно Бугарија би требало да ѝ суди таму, но и од тоа нема да биде ништо. Во крајна линија, не е мала казна и тоа што Ива веќе никогаш нема да може да дојде во Македонија, а веројатно ни да патува во трети држави кои би можеле да ја испорачаат. Можно е теоретски и да ѝ се суди во отсуство (а казната да ја издржува во Бугарија). Најсмешно е како сега Бугарите ни ја удрија прикаската за 2% доверба од глава, посочува професорот.
За да се спречат вакви случаи, министерот за внатрешни Панче Тошковски вели дека можеби треба да се размисли и за промени во мерките на претпазливост за оние со двојно европско државјанство, па освен пасоши, да им се одземаат и личните карти.






