Македонија ги добила вакцините против грип како заем од Албанија — д-р Даниловски ги оцени како соодветни
Првите 30 илјади дози вакцини против грип кои пристигнаа во земјава, Министерството за здравство ги добило како заем од Албанија преку УНИЦЕФ, одговорија оттаму на прашањата на „Слободен печат“ за начинот на кој добивме вакцини откако пропадна тендерот бидејќи не се јави ниеден производител.

„Првата пратка вакцини се обезбедени преку заем, во рамки на веќе утврдена меѓународна соработка од соседните држави, во конкретниот случај со УНИЦЕФ / Албанија“, ни рекоа од Министерството за здравство.
Како што вчера објави „Слободен печат“, според потврдени и официјални информации што ги добивме од Министерството, се работи за 30 илјади пристигнати дози од тривалентната вакцина против инфлуенца на компанијата од Јужна Кореја „ГЦ Биофарма“. Овие вакцини се за 2026 година и се одобрени од Светската здравствена организација. Вчера беше објавено дека граѓаните може да се пријавуваат за вакцинација онлајн на следниот линк.
Вакцините ги исполнуваат строгите критериуми за квалитет, односно задолжително се обезбедува Сертификат за квалитет издаден од производителот и Сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот од ОМЦЛ мрежата (Official Medicines Control Laboratories), велат од Министерството за здравство.
Во земјава Министерството за здравство во август распиша тендер за вакцини ама не се пријави ниедна фирма. Министерот за здравство Сашо Клековски тоа го правда со фактот што Светската здравствена организација ги променила соевите против кои треба да штити вакцината, па производителите на европско ниво доцнеле со производство. Сепак, Албанија меѓу првите во регионот веќе имаше добиено 280 илјади дози.
Професор доктор Драган Даниловски за „Слободен печат“ направи рецензија на вакцината што е дојдена во Македонија од Албанија преку УНИЦЕФ, особено зашто таа првпат доаѓа во Македонија и граѓаните никогаш не се претходно вакцинирани со неа.
…






