Левица: Адвокатот на градоначалникот на Струмица е меѓу кандидатите за член на Судскиот совет
Меѓу кандидатите за член на Судскиот совет е адвокатот Џоко Диков од Струмица, чии релации со функционери на владејачката партија отвораат сериозни сомнежи за политичката заднина на кандидатурата, оцени денес Левица.

-Додека Мицкоски продава реформи и независно судство, пред јавноста повторно се поставува прашањето дали судиските кариери ќе зависат од стручноста или од партиските врски. Името на Диков се поврзува и со судските пресметки на градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, против еколошките активисти кои протестираа против отворањето леарница за алуминиум. Додека граѓаните се бореа за чиста животна средина, локалната власт се впушти во правни конфликти со сопствените жители. Сега адвокатот кој, според информациите, го застапувал градоначалникот во тие спорови претендира да стане дел од телото што одлучува за судиите. Од правни пресметки со активисти до Судски совет – навистина импресивна биографија за “независно“ правосудство!
Дополнително, постојат јавно објавени фотографии од Диков на постизборна прослава во друштво на пратеникот Петар Марков и градоначалникот Божинов. Тука е и прашањето за кривичната пријава против него, чија содржина и статус мора да бидат јавно разјаснети. Очигледно, за ДПМНЕ реформата на судството значи само промена на имињата во партиското тефтерче, порачува Левица






