Град Скопје призна дека е раскинат договорот, но тврди дека лунапаркот ќе биде изграден до крај на 2027

Град Скопје уверува дека новиот лунапарк ќе биде изграден до крајот на 2027 година, и покрај тоа што договорот за реализација на проектот, склучен во мај годинава, бил раскинат во август. Од градската администрација велат дека постапката е дел од напорите за рационално користење на јавните средства и дека нема да влијае врз планираната динамика на изградбата.

Реакцијата следува откако во медиумите беше објавено дека договорот со компанијата „Мастеф“ бил спогодбено раскинат на 17 август, без претходно јавноста да биде известена за ваквиот развој на настаните.

Од Град Скопје објаснуваат дека одлуката е поврзана со долгогодишен судски спор за набавка на реквизити за забавниот парк. Првичниот договор бил склучен во периодот кога со Градот раководел Коце Трајановски, но подоцна бил раскинат, по што компанијата покренала судска постапка.

Судот пресудил во корист на компанијата, со што Град Скопје добил обврска да ги плати договорените реквизити. Меѓутоа, во моментот кога била донесена пресудата, веќе бил потпишан нов договор за набавка на опрема, кој опфаќал и дел од истите реквизити.

Според образложението на градските власти, токму ова преклопување било причина за спогодбено раскинување на поновиот договор, со цел да се избегнат непотребни набавки и дополнителни финансиски обврски.

Во меѓувреме, Градот најавува дека за околу еден месец ќе започне поставувањето на седумте реквизити од претходниот договор. Паралелно ќе се спроведуваат активности за уредување на просторот, со што треба да се овозможи постепено отворање на дел од лунапаркот.

За преостанатата опрема ќе биде објавен нов тендер, преку кој се планира набавка на дополнителни забавни содржини, вклучувајќи ролеркостер и панорамско тркало. Од Град Скопје посочуваат дека вредноста на новиот договор ќе биде пониска од 10 милиони евра.

Иако градските власти уверуваат дека реализацијата на проектот продолжува, не е појаснето зошто информацијата за раскинувањето на договорот не била објавена веднаш, туку дури по медиумските прашања.

Дополнително, останува неразјаснето зошто била спроведена нова тендерска постапка пред да заврши судскиот спор за претходната набавка, со оглед на тоа што постоела можност Градот повторно да добие обврска за плаќање на истите реквизити.

Скопје со години е без функционален лунапарк, а граѓаните сè уште го очекуваат враќањето на некогашното омилено место за детска забава. Според последните најави, новиот забавен парк треба да биде целосно завршен до крајот на 2027 година

Back to top button
Close