Стојановска: Имам и македонско и бугарско потекло. Не го оправдувам заштитување криминалци од Македонија со цел да се докаже дека македонската држава ги прогонува Бугарите

„Имам и македонска и бугарска крв, но се чувствувам како најголем изрод на овие простори“, напиша Татјана Стојановска на социјалните мрежи, осврнувајќи се на растечките тензии меѓу Македонија и Бугарија и притисокот со кој, според неа, се соочуваат луѓето со мешано потекло.

Screenshot

Таа истакнува дека не оправдува ниту една политика, ниту онаа на нејзината матична држава, Македонија, ниту бугарската, но предупредува дека омразата што се создава со години најмногу ја чувствуваат луѓето чии семејни корени се поврзани со двете земји.

Стојановска вели дека не сака да се откаже ниту од своето потекло ниту од предците, иако, како што наведува, општествената атмосфера создава чувство дека мора да избере страна.

„Немам страна. Ја сакам својата Македонија повеќе од сè, тука нема компромис“, порачува таа.

Во својата објава го споменува и наследството од нејзиниот дедо, кој бил Бугарин и се борел за слободна Македонија. Истовремено, нагласува дека не го оправдува постапувањето на Бугарија кога станува збор за, како што вели, заштитување криминалци од Македонија со цел да се докаже дека македонската држава не функционира и ги прогонува Бугарите.

Според Стојановска, и од двете страни отсекогаш имало луѓе што ги предавале сопствените вредности, а токму таквите личности придонесуваат луѓето со мешано потекло да се чувствуваат принудени да избираат меѓу својата земја и семејното наследство.

Таа смета дека политичарите ја користат ваквата атмосфера за да ги наметнат сопствените ставови, додека истовремено зборуваат за грижа за народот.

„Ни продаваат грижа за народот, додека го острат народот да мрази по национална основа“, наведува Стојановска, оценувајќи дека од ваквата состојба најголема корист имаат луѓе кои, според неа, треба да одговараат пред законот, а наместо тоа стануваат популарни.

На крајот, таа ја поставува дилемата што, според неа, сè повеќе се наметнува во општеството: „Каде тераме?“

 

Back to top button
Close