Герасимовски: Постапката за „Барутана“ е законска обврска, одлуките ќе ги носиме внимателно и одговорно
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостувањето во Дневникот на телевизија Сител истакна дека Општината бара дополнителни стручни испитувања за стабилноста и безбедноста на теренот во „Барутана“. Тој нагласи дека постапката за нов детален урбанистички план е започната поради законската обврска по укинувањето на претходниот план, но дека тоа не значи и негово конечно донесување, се вели во соопштението од Општина Центар, што МИА го пренесува интегрално.
„Наша законска должност како општина, и моја како градоначалник, е по укинувањето на детален урбанистички план да започнеме постапка за нов план за истата површина. Тоа и го направивме. Планот сè уште е во процедура, а сега јас и мојот тим бараме дополнителни испитувања и анализи за да се утврди дали земјиштето е стабилно и безбедно за можни идни градби“, истакна Герасимовски.
Тој појасни дека за овој простор постои планска документација уште од 2002 година и дека не станува збор за отворање нов градежен реон. Според него, тврдењата во јавноста за нови 25 градежни парцели создаваат погрешна слика за содржината на предложениот нацрт-план.
Герасимовски посочи дека Уставниот суд во 2025 година ја укинал одлуката за донесување на ДУП-от од 2012 година поради недоволен број гласови при неговото усвојување. До укинувањето, планот бил во важност и врз негова основа се граделе објекти.
„Таму план имало и претходно. Со новиот нацрт-план ги подобруваме условите: ја намалуваме предвидената квадратура за 33 проценти, предвидуваме 40 проценти зеленило во самите парцели и ги ограничуваме подземните нивоа. Не дозволуваме да се повторуваат практики во кои просторот предвиден за паркирање подоцна се користи за домување“, рече Герасимовски.
Тој додаде дека со нацрт-планот се предвидува и државна парцела со намена за пензионерски дом.
Градоначалникот информираше дека нацрт-планот поминал низ стручните комисии и добил позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои Комисијата за урбанизам на Град Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Сепак, како што нагласи, Општината бара дополнителни проверки преку планерската куќа за можните ризици од свлекување, ерозија и нестабилност на теренот.
Во тој контекст, Герасимовски посочи дека на просторот постојат и објекти изградени бесправно во минатото, дел од нив подоцна легализирани, како и потпорни ѕидови за чија состојба и безбедност се потребни стручни сознанија.
Осврнувајќи се на досегашната јавна анкета и дискусија, тој истакна дека граѓаните имале можност преку анкетните листови да ги достават своите забелешки, потреби и барања. Воедно, изрази жалење за односот кон дел од вработените за време на јавната дискусија и потсети дека побарал јавно извинување за нападите кон нив.
„Постапката ја водат стручни лица и институции, а забелешките се разгледуваат низ законски предвидените механизми. Мора да има простор за дискусија, но и почит кон луѓето што ја спроведуваат постапката“, порача Герасимовски.
На крајот, тој нагласи дека кога станува збор за Водно, сите одлуки мора да се носат особено внимателно, а конечната одлука за донесување на планот е во надлежност на Советот.
„Кога е Водно во прашање, сите работи мора да се гледаат со лупа и одлуките да се носат претпазливо. Ние сме обврзани да ја започнеме постапката, но дали таа ќе заврши со донесување на планот, ќе се види на крајот од целиот процес“, истакна Герасимовски.





