Европа ја забрзува трката по критични минерали: нов повик за стратешки проекти до крајот на годината
Европската комисија планира до крајот на 2026 година да го објави третиот повик за стратешки проекти за критични минерали, продолжувајќи ги напорите за поддршка на инвестициите и поефикасно издавање дозволи.

Според информациите од Комисијата, европската Директива за критични суровини предвидува постапките за издавање дозволи да траат најмногу 27 месеци за проекти за експлоатација и 15 месеци за другите видови проекти. За полесно спроведување на процедурите, земјите членки воспоставиле единствени контакт-точки кои им помагаат на носителите на проектите.
Во Македонија, меѓу инвестициите во критични суровини се издвојува проектот за бакар во Иловица, кој сè уште не е реализиран. Дозволата за геолошки истражувања е издадена во 2004 година, а од тогаш поминале повеќе од 22 години.
Подоцнежните истражувања покажале дека наоѓалиштето има потенцијал за просечно годишно производство до 16.000 тони бакар. Предвидениот работен век на рудникот е 23 години, што го прави проектот значаен во контекст на дебатата за развојот на домашниот рударски сектор и потенцијалот на критичните минерали.
Инаку, како што додаваат од Брисел, стратешките проекти за критични минерали мора да бидат во согласност со важечкото законодавство на ЕУ и националното законодавство во областа на животната средина. Побрзото издавање дозволи има за цел да ги направи постапките поефикасни и попредвидливи, а не да ги намали еколошките или социјалните стандарди, бидејќи тие се исто така дел од критериумите што се користат за проценка на проектите за добивање статус на стратешки проект. Од Комисијата информираат и дека активно се работи на основањето на единствен Центар за критични минерали на Европската Унија.
„Ги утврдуваме подготвителните работи за Центарот за управување со ресурси на ЕУ. Комисијата ќе соработува со ко-законодавците за најдобро да го дефинира потребниот правен мандат за функциите што ќе ги извршува Центарот, вклучително и неговата улога во поддршката на стратешки проекти, складирањето, финансирањето и анализата на синџирот на снабдување. Како што претходно најави претседателката Фон дер Лајен, Европската корпорација за критични суровини ќе ги здружи јавните и приватните инвестиции, придонесувајќи за оперативниот капацитет што му е потребен на Центарот за да ги постигне целите на ЕУ за безбедност на снабдувањето, диверзификација и поддршка на критичните индустрии“, соопштија од Комисијата.
Веста дека ЕУ ќе објави трет повик за стратешки проекти за критични минерали, беше објавена веднаш штом беа избрани 46-те проекти од вториот повик, па сега севкупно се 106. Ваквите активности ги поздрави и Европската асоцијација за рударската индустрија.
„Патот кон европската автономија е поплочен со критични суровини. За да ја обезбедиме нашата иднина, мораме да ги усогласиме нашите еколошки амбиции со практична посветеност на домашното производство и поедноставени инвестициски процеси“, изјави Ролф Куби, генерален директор на „Еуромајнс“.
Во соопштението од ЕК се заклучува дека Унијата не може, ниту пак има за цел, дома да ги произведува сите суровини што ѝ се потребни – „увозот и понатаму ќе претставува важен дел од снабдувањето на Европа“. Според нив, целта е да се зголемат европските капацитети, да се диверзифицираат изворите на снабдување и да се намали прекумерната зависност од поединечни добавувачи.






