Нова кривична за екс-градоначалникот на Струмица
СВР Струмица до ОЈО Струмица поднесе кривична пријава против К.К.(36) од Струмица, во времето на сторување на кривичното дело градоначалник на Општина Струмица, С.Р. (38) од Струмица, во времето на сторување на кривичното дело раководителка на Сектор за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште при Општина Струмица и Ј.П.(60) од Битола, во времето на сторување на кривичното дело управител на правно лице од Битола (сега ликвидирано) поради основано сомневање дека К.К. и С.Р. сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, а Ј.П. сторил кривично дело „фалсификување исправа“, информираат од МВР.

Како што се наведува во соопштението, К.К. и С.Р. во 2022 година ја злоупотребиле својата службена положба така што овозможиле на правно лице да легализира бесправно изграден објект на парцела во село Куклиш. Имено, легализацијата била извршена така што од страна на С.Р. било побарано од Ј.П. да изготви елаборат за бришење на објекти на катастарска парцела во Куклиш и таквиот елаборат да го искористат за бришење на објекти кои биле во сопственост на Општина Струмица, со цел катастарската парцела да добие чист имотен лист.
Од страна на Ј.П. бил изготвен елаборат и технички извештај со невистинита содржина дека на лице место не постојат објекти и како такви се употребени при процесот за бришење на објекти кои биле во сопственост на Општина Струмица, а изградени на катастарската парцела во сопственост на РС Македонија.
„Со овие дејствија, пријавените му овозможиле на Т.Ј. од село Куклиш да се стекне со противправна имотна корист, со тоа што од страна на првопријавениот е издадено решение за легализација на бесправно изграден објект, со кое му се легализирале објект – зграда бр. 1 со намена И4-Б (стовариште) во приземје ниво 1 со внатрешна површина на деловен простор од 161 метри квадратни на катастарската парцела и со таквата постапка исто така му овозможиле да изврши откуп на земјиштето под зграда, да изврши отуѓување на земјиште со површина од 866,46 метри квадратни во сопственост на РС Македонија и да се запишат на негово име со право на сопственост“, се вели во соопштението на МВР.
Меѓу другото, од страна на првопријавениот и второ пријавената не биле земени во предвид околностите дека во претходниот период имало водена постапка против Т.Ј. и во 2016 година била донесена пресуда од Виш Управен суд, со која се одбива жалбата на Т.Ј. односно му се одбива барањето за легализација на бесправен објект, со образложение дека објектот е на парцела на која право на сопственост на објект има Општина Струмица. Исто така, и во 2019 година е донесена пресуда од Виш Управен суд, со која се потврдува дека Т.Ј. има изградено објект без соодветно одобрение за градење.
„Врз основа на вака констатирана состојба од страна на овластен градежен инспектор при Општина Струмица на Т.Ј. му е издадено решение со кое му наредил да ја отстрани градбата, а спротивно на сето тоа пријавените овозможиле корист на Т.Ј., а штета на Општина Струмица и Р.С. Македонија“, посочуваат од МВР





