„Очигледно лажира медицински извештаи за да се спаси од кривична одговорност“, вели Николоски за Ива Михаилова

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски смета дека случајот со Ива Михајлова, која замина во Бугарија додека во Македонија ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици, треба да се разгледува во контекст на претседателските избори во соседната земја, закажани за 25 октомври. Според него, во секој изборен циклус во Бугарија се отвораат теми поврзани со Македонија, кои го насочуваат вниманието на јавноста кон билатералните односи.

Во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, Николоски оцени дека начинот на кој Софија се поставила кон Михајлова може негативно да влијае врз имиџот на Бугарија како членка на Европската Унија.

Тој потсети дека во последните четири години Бугарија поминала низ осум изборни циклуси и оцени дека политичките случувања во соседната земја редовно предизвикуваат тензии во односите со Македонија. Николоски очекувал формирањето стабилна бугарска влада да придонесе за нормализирање на односите, но смета дека претстојните претседателски избори покажуваат оти тоа не се случува.

Говорејќи за случајот со Михајлова, вицепремиерот го спореди со други лица и организации за кои Софија во минатото реагирала дека им се загрозени правата во Македонија. Според него, станува збор за повторување на политички образец во кој одредени случаи се користат за политички цели, а потоа се забораваат.

„Овде не се работи за едно девојче кое направило сообраќајна несреќа и очигледно лажира медицински извештаи за да се спаси од кривична одговорност, се работи за еден след на околности на луѓе коишто се искористени и после тоа фрлени“, изјави Николоски.

Тој ги спомена и случаите со Кристијан Пендиков, Спаска Митрова и здружение од Битола, како и церемониите поврзани со пренесувањето на коските за кои се тврдеше дека му припаѓаат на цар Самуил од Солун во Софија.

Николоски оцени дека бугарските политички актери, наместо да се фокусираат на економските резултати, инфлацијата и растот, повторно отвораат теми што создаваат конфликт со Македонија. Тој додаде дека тоа се случува и покрај ветувањата што ги дала актуелната бугарска влада.

На прашањето дали смета дека бугарската држава е вмешана во заминувањето на Михајлова, Николоски рече дека истрагата треба да го даде одговорот. Сепак, според него, отсуството на соодветна реакција од Софија и нејзиниот, како што го оцени, заштитнички однос кон Михајлова отвораат прашања.

Вицепремиерот изрази очекување дека Бугарија, како членка на НАТО и Европската Унија, ќе ја екстрадира Михајлова во Македонија.

Тој се повика и на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека порано или подоцна Михајлова и нејзиниот татко ќе одговараат. Нејзиниот татко, според наведеното, се бара со потерница за издржување затворска казна од 12,5 години во случајот „Детонатор“.

Back to top button
Close