„А што очекувате, да признаат дека учествувале?“ – Мицкоски за негирањето од Софија дека учествувале во бегството на Ива Михаилова
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија нема да се откаже од барањето за враќање на Ива Михаилова и нејзиниот татко од Бугарија, нагласувајќи дека македонските институции ќе ги искористат меѓународните механизми што им стојат на располагање.

„Со одговорот на бугарските власти најпрво паднаа во вода координираните напади што доаѓаа оттаму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имаме потерница и очекуваме родителот на Ива, кој е осуден, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува невиноста пред судовите во Македонија“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека случајот предизвикал дипломатски последици за бугарската влада, обвинувајќи ја Софија за неуспешен политички обид.
„Ние имаме како да се бориме на меѓународна сцена. Овој неуспешен обид нанесе голема дипломатска штета врз Владата во Софија. Тоа е нивен проблем, а наш проблем е да ги вратиме бегалецот и бегалката, кога-тогаш“, рече премиерот.
Запрашан како го коментира негирањето на бугарското Министерство за надворешни работи дека бугарските власти учествувале во изнесувањето на Михаилова од Македонија, Мицкоски одговори со контрапрашање.
„А што очекувате, да кажат дека учествувале во такво нешто?“, рече тој.
Премиерот не изнесе дополнителни докази за евентуална вмешаност на бугарските институции, туку повика да се почека исходот од истрагата.
„Оставете да видиме што ќе покаже истрагата, а за тоа ќе ги запознаеме нашите меѓународни партнери“, порача Мицкоски.
Изјавите доаѓаат во период кога македонските власти истражуваат како Ива Михаилова ја напуштила државата и заминала во Бугарија, и покрај судските мерки што ѝ го ограничуваат движењето. Таа е обвинета во постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, а нејзината кривична одговорност допрва треба да биде утврдена од судот.





