Клековски: Терапијата за мултиплекс склероза поблиску до пациентите – модел и за онкологија
Пациентите со мултиплекс склероза нема да мора да патуваат за да ја подигнат или да ја примат терапијата на Клиниката за неврологија во Скопје. Терапијата ќе ја добиваат поблиску до својот дом, односно во Градската општа болница „8 Септември“, Клиничката болница – Штип и во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, а потоа и во другите регионални здравствени установи.

Ова е предвидено со протоколот за децентрализација на терапијата, кој денеска во присуство на министерот за здравство Сашо Клековски го потпишаа директорите на Универзитетската клиника за неврологија, Градската општа болница „8 Септември“, Клиничката болница – Штип, Јован Божиновски, Синиша Стојаноски, Владко Захариев, како и неврологот Ирена Скендероска-Митреска од Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид.
По потпишувањето на протоколот во Министерството за здравство, директорот на Клиниката за неврологија, Божиновски, изјави дека е донесен протокол за децентрализација на терапијата за мултиплекс склероза, донесен е правилник, така што децентрализацијата ќе се одвива во три центри. Досега, посочи, таа беше само на Клиниката за неврологија, а сега веќе ќе има три нови центри – Клиничката болница – Штип, Градската општа болница „8 Септември“ и Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид. Според него, децентрализацијата на терапијата за мултиплекс склероза е историски проект.
– Самиот правилник го уредува начинот на дистрибуција на терапијата, нејзиното препишување и издавање, со тоа што центрите имаат одредени обврски што мора да ги исполнат, а тоа е обезбедување тим од невролог, фармацевт, сестри, кои ќе бидат обучени за апликација на терапијата, соодветни просторни услови и соодветна опрема за нејзино чување. Секој доктор од центарот ќе може да предложи пациент за терапијата, сето тоа се разгледува на нашата централна комисија, која е на Клиниката за неврологија и пациентите ја добиваат оваа терапија – рече д-р Божиновски.
Во овие две изминати години, појасни, бројот на пациенти што добиваат високоефективна терапија за мултиплекс склероза е зголемен и од бројките што ги имам веќе, над 52 проценти примаат ваква терапија.
– Во моментот на Клиниката има речиси 2.000 регистрирани пациенти што се со оваа болест, од нив 1.800 се лекуваат, приближно 890 пациенти примаат одредена терапија од овој тип. Терапијата е поделена во два дела. Се децентрализираат 10 лека: едните се онаа терапија што ја примаат месечно и тие ќе ја подигаат во соодветните центри, а другиот дел од терапијата е биолошка терапија, тоа се три лека што ќе се аплицираат во болнички услови. Бенефитот за овие пациенти ќе биде голем бидејќи ќе се скрати времето на патување за да се подигне терапијата во Скопје, ќе се намалат отсуствата од работа и самиот метеж на Клиниката ќе се редуцира, а со тоа ќе добијат и соодветни и подобри услови за третман – рече д-р Божиновски.
Потенцира дека во моментот со овој тип на децентрализација над 80 проценти од пациентите ќе имаат можност да ја примаат терапијата во некои од регионалните центри и тоа ќе биде на доброволна основа, што значи дека тие претходно ќе потпишат писмена согласност дали сакаат да ја примаат во соодветниот центар, а доколку не сакаат, ќе продолжат да ја примаат на Клиниката за неврологија.
Министерот за здравство Клековски истакна дека ова е иницијатива на Здружението на пациентите со мултиплекс склероза.
– Некои од овие пациенти не се лесно подвижни и не им е едноставно да доаѓаат да подигнуваат месечна или шестмесечна терапија во Скопје. Ја поздравувам иницијативата. За да нема недоумица, овие три болници – „Свети Еразмо“, ГОБ „8 Септември“ и Клиничката болница – Штип – веќе ги исполнуваат условите, значи ги имаат неопходните работи и тие веќе учествувале во спроведување на биолошката терапија. Таблетарната терапија е секако помал проблем. Значи, тие веќе имаат искуство бидејќи веќе таму се спроведувале клинички студии со овие лекови. Мислам дека капацитетот е обезбеден, има план за дистрибуција: значи, скопските пациенти ќе одат во ГОБ „8 Септември“, Источна Македонија ќе оди во Штип и Пелагонискиот и Охридскиот Регион ќе бидат во „Свети Еразмо“ – рече Клековски.
Посочи дека ова е прв чекор и како ќе има повеќе болници што ќе ги исполнат условите, ќе се вклучуваат и нови болници во дистрибуцијата за да се обезбеди лекување поблиску до пациентите.
– Јасна е добивката за пациентите бидејќи ќе добијат лекови блиску до дома, што нема да ја исклучи грижата од страна на Клиниката бидејќи првото препишување и конзилијарното следење, кое ќе биде преку дигитален конзилиум, и понатаму ќе вклучува лекари од Клиниката за неврологија. Ова е суштински чекор и за давање содржина на болниците. Често се жалиме „докторите сакаат да дојдат во Скопје да работат“. Па нормално сакаат ако немаат што да работат во нивните болници. Значи, ова е еден чекор кон давање содржина на овие регионални болници за нивните доктори да сакаат да останат таму да работат, со збогатување на нивниот опис на работи и одговорности. Тоа е многу важно и за задржување на капацитетите на овие болници бидејќи ќе бидат вклучени во употреба на последниот збор на терапијата за мултиплекс склероза – рече Клековски.
Тој додаде дека сака многу бргу овој модел да го види и за Онкологија бидејќи во основа сите искуства говорат дека сè уште може преку дигиталните конзилиуми да се има увид во првото препишување и воведувањето, меѓутоа имаме веќе активности во повеќе болници, кои обезбедуваат оваа терапија да биде аплицирана надвор од Скопје или во Скопје во други болници.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа од кога ќе почне дисперзираното давање лекови за болните со мултиплекс склероза, Клековски рече дека веднаш се спремни.
– Значи, со протоколот веќе кажав – трите вклучени болници веќе имаат докажани капацитети, веќе поминати обуки за она што ќе се аплицира во болнички услови. За таблетарната форма секако преку болничките аптеки ќе оди дистрибуцијата и сè веднаш е спремно – додаде Клековски.





