Видеообраќање на Макрон: Ништо не го оправдува насилството на протестите, поради цените на горивата патувам на Блискиот Исток

Францускиот претседател Емануел Макрон по бранот немири најави свикување кризен штаб за помош на погодените, како и брзи истраги за насилството и нападите врз државните згради.
Во телевизиското обраќање до нацијата вети и целосна транспарентност на истрагите за постапувањето на полицијата, а поради високите цени на горивата во понеделник патува во земјите од Персискиот Залив.
Макрон порача дека ништо не го оправдува насилството за време на протестите против високите животни трошоци и лошите услови во училиштата. Нагласи дека оние што ги напаѓале државните згради мора да одговараат и дека истрагите за незаконските дејствија треба да се спроведат што е можно поскоро.
„Мора да бидеме јасни – нашите полицајци и службеници вчера, и покрај сиот свој професионализам, во повеќе градови и во повеќе наврати беа изложени на невидено насилство“,
изјави тој.
Кризен штаб за помош на погодените
Најавено е дека францускиот премиер во понеделник ќе свика кризен штаб, чија задача ќе биде да обезбеди итна помош и поддршка за сите кои поради немирите минуваат низ тешки моменти.
Макрон од владата побара и анализа на настаните и подготовка за идни слични ситуации со цел да се спречи повторување на насилните сцени. Покрај осудата на нападите, вети целосна транспарентност на истрагите за полициското постапување.
„Луѓето со право сметаат дека горивото е прескапо“
Говорејќи за незадоволството од трошоците за живот, францускиот претседател призна дека граѓаните имаат причина да укажуваат на високите цени на горивата. Најави дека за нивниот раст ќе разговара за време на посетата на земјите од Персискиот Залив.
„Луѓето со право сметаат дека цената на горивото е превисока. Цената порасна поради случувањата во Персискиот Залив“, рече Макрон, поврзувајќи го поскапувањето со американската војна во Иран. „Тоа е војна во која Франција не учествуваше“, додаде тој.
Франција истовремено ја проценува штетата по немирите во кои се оштетени бројни згради и продавници. Според претходно објавените податоци, уапсени се повеќе од 2 000 луѓе, а повредени се над 600 полицајци. Еден демонстрант починал од срцев удар за време на протестите во Париз.






