Светските развојни банки најавуваат заеднички пристап кон критичните суровини и рударските стандарди

Светската банка, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и уште четири мултилатерални развојни банки воспоставија нова рамка за соработка со цел да ја засилат поддршката за снабдувањето со критични суровини и да ја унапредат соработката во врска со еколошките и социјалните стандарди во секторот.

Рамката ги опфаќа активностите долж целиот синџир на критични суровини, од ископ и преработка до производство и рециклирање. Во заедничкото соопштение, банките посочуваат дека ќе работат на идентификување области во кои може да се усогласат пристапите кон еколошките и социјалните барања.

Нивната цел е да промовираат добри меѓународни индустриски практики во рударството, како и најдобри практики во преработката и производството, со зајакнување на меѓусебната доверба таму каде што институционалните рамки го дозволуваат тоа.

Во иницијативата учествуваат Светската банка, ЕБОР, Европската инвестициска банка, Интерамериканската банка за развој, Азиската банка за развој и Африканската банка за развој.

ЕБОР е присутна и во Македонија преку инвестицијата во проектот Иловица. Новата меѓународна иницијатива ја истакнува важноста на соработката меѓу развојните финансиски институции во секторот на критичните суровини, со внимание и на индустриските потреби и на еколошките и социјалните аспекти.

Инаку, една од развојните банки е веќе присутна со свој удел во рударски проект во Македонија. Станува збор за инвестицијата во проектот за бакар „Иловица-Штука“, кој започнува во 2004 година со геолошки истражувања. Како што тогаш соопшти инвеститорот, проектот е дизајниран како модерен рудник кој ги имплементира принципите на Агендата на ОН 2030 за одржлив развој, а вклученоста на Европската банка за обнова и развој (EBRD), означува дека се имплементираат строгите критериуми за изведба, кои вклучуваат еколошка и социјална оддговорност, одржливи практики и ангажман на сите засегнатите страни. Проектот тежи околу 350 милиони евра и беше најавен како најголема гринфилд инвестиција во Македонија.

Шесте светски развојни банки пак, истакнаа дека нивната соработка може да вклучува и техничка размена и идентификување на соодветни практики во рударството, преработката и производството што се однесуваат на животната средина, здравјето и безбедноста. Банките ќе работат заедно и за да се справат со ризиците и финансиските ограничувања што ги попречуваат инвестициите за геолошките истражувања, екстракцијата, преработката, рафинирањето, производството и рециклирањето.

„Препознавајќи ја меѓусебната зависност на рударските проекти кои се економски исплатливи, како и инфраструктурата и вредносните синџири што тие ги поддржуваат, мултинационалните банки ќе идентификуваат можности за заедничка подготовка, паралелно финансирање, кофинансирање, банкарски гаранции и координирана техничка помош каде што соработката може да го подобри обемот, исплатливоста или влијанието врз развојот на проектот“, истакнуваат шесте развојни банки.

Претходно, претседателот на Светската банка, Аџај Банга, најави дека има цел за зголемување на финансирањето за критични минерали петкратно. Односно, сума од 19 милијарди долари во текот на фискалниот период 2026-2030, за разлика од претходните 3,6 милијарди долари за периодот 2021-2025. Банката веќе идентификувала 20 земји-партнери и потпишала договори за соработка, во партнерство со мултилатерални развојни банки.

„Во однос на критичните минерали, планираме да ги зголемиме нашите бизниси петкратно во текот на наредните пет години. Оваа недела ги започнавме нашите први договори за соработка со земјите-партнери, во партнерство со мултилатералните развојни банки – со цел да се изградат локални индустрии и да се задржат повеќе работни места во земјите. Ова ќе им помогне на земјите во развој да остварат поголема вредност од ресурсите што се клучни за глобалната енергетска транзиција“, изјави претседателот на Светска банка, Банга.

Јасната насока кон критичните минерали е резултат на пошироките геополитички ризици поврзани со безбедноста на синџирите на снабдување со материјалите што се користат во електричните возила, батериите и инфраструктурата за обновливи извори на енергија. Кина моментално доминира во голем дел од глобалните капацитети за преработка на овие минерали, а Соединетите Држави работат на диверзификација на снабдувањето.

Back to top button
Close