Службеник со две единици по ред ќе добие отказ – донесени измените на Законот за административни службеници

Административен службеник кој две години по ред ќе биде оценет со единица, што значи „не задоволува“ нема да може да го продолжи својот работен ангажман во институцијата. Ова е една од одредбите што ги предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за административни службеници што денеска беа донесени во рамките на 125. седница на Собранието.
Измените беа донесени по скратена постапка, а при гласањето не ја добија поддршката од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), од каде што предупредуваат дека дел од решенијата отвораат простор за политички притисоци врз вработените.
Од друга страна, пак, власта тврди дека целта на измените е поефикасна, потранспарентна и попрофесионална администрација.
Измените беа донесени со 66 гласа „за“, еден „против“, додека немаше пратеници кои гласаа воздржано.
Што предвидуваат измените
Имено, освен построги правила за оценување, измените на Законот носат и промени во критериумите за напредување во службата, дисциплинската одговорност и организацијата на административната служба.
Според предлагачите на измените, новите измени треба да обезбедат појасна, единствена, ефикасна и правно сигурна примена на прописите, како и да го уредат статусот на службениците во Собранието и регулаторните тела на исто ниво со другите посебни државни службеници.
Една од клучните новини е укинувањето на можноста за унапредување на административните службеници без претходно објавување интерен оглас. Ова решение, според предлагачите, треба да обезбеди еднаков пристап при унапредувањето на службениците и доследна примена на мерит-системот.
Измената што можеби привлекува најголемо внимание е онаа со која се воведува јасна правна последица со која на административниот службеник што две години последователно ќе биде оценет со оценка „1 – не задоволува“ му престанува работниот однос по сила на закон.
Измените на Законот предвидуваат и поекономично водење на постапките, при што останува загарантирано правото на жалба. Воедно, подетално се уредуваат дисциплинската и материјалната одговорност на административните службеници.
Примената на членот 80, кој се однесува на парична награда за исклучителен ангажман, е одложена до 1 јануари 2028 година.
Момент од седница на Собранието на Република Северна Македонија / Фото: Принтскрин (архива)
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во клинч
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) не гласаше за измените на законот и ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека првин ја укинале независноста на собраниската служба, па сега се обидуваат да ја вратат. Тие, исто така, имаа забелешки и за одредбите што се однесуваат на санкциите за административните службеници.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, истакна дека во Законот е ставена одредба за дисциплинирање на администрацијата, па и на собраниската служба. Тој посочи дека до 2024 година собраниската служба била независна и додаде дека процесот на осамостојување на Собранието треба да продолжи и во делот на обезбедувањето.
„Сенешто се прави во завиена форма за да се остварат некакви цели“,
рече Спасовски посочувајќи дека тоа е една од причините поради кои пратениците на СДСМ нема да гласаат за измените на Законот.
Од друга страна, пак, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека има закони што се добри и што не се добри и оти тоа што не се донело во 2019 година сега се исправа.
„Една работа да пофалевте, да речете добро е – се исправи една работа“,
рече Мицевски додавајќи дека додека СДСМ бил на власт во периодот од 2019 до 2024 година и не биле исправени грешките.
Во расправата се отвори и прашањето за независна безбедносна служба во Собранието, при што Мицевски му порача на Спасовски дека како поранешен министер за внатрешни работи имал можност да придонесе за спроведување на таквата реформа.
Академијата за обука на службеници дел од реформите во јавната администрација
Првиот човек на Министерството за јавна администрација Горан Минчев вели дека професионална, ефикасна и одговорна јавна администрација не се гради само со нови законски решенија, туку и со луѓе што имаат знаење, компетенции и капацитет да одговорат на потребите на граѓаните.
Тој ова го истакна во своето обраќање на конференцијата „Патоказ за Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници: заедничка мисија“, посветена на досегашниот напредок и следните чекори за воспоставување на Академијата.
Минчев нагласи дека реформата на јавната администрација не завршува со донесувањето закони и утврдувањето процедури, туку мора да се потврди преку квалитетот на работата на институциите и услугите што ги добиваат граѓаните.
„Професионална администрација не се гради само со нови правила, туку и со луѓе што имаат знаење, интегритет и капацитет да ги применуваат тие правила. Затоа Академијата ја гледаме како траен механизам за професионален развој, а не како проект со ограничено времетраење“,
рече Минчев.
Според Министерството за јавна администрација, Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници е дел од поширокиот процес на професионализација на јавната администрација. Оттаму велат дека се работи на нејзиното институционално поставување, организацискиот модел, развојот на програмите за обука и дефинирањето на приоритетите. Целта е Академијата да започне со работа на почетокот на 2027 година и да обезбеди континуирано надградување на знаењата и компетенциите на административните службеници.






