ОН предупредуваат на поголемо глобално затоплување дури и во најдоброто сценарио
Глобалното затоплување, според новите проценки, ќе ги надмине претходните предвидувања, при што дури и најоптимистичкото сценарио предвидува пораст на просечната температура за 1,7 до 1,8 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа до средината на векот, покажува извештај на ОН објавен денеска.

И покрај брзото ширење на обновливите извори на енергија и климатските политики со кои се намалуваат емисиите во многу земји, во извештајот се наведува дека за остварување на тој најповолен исход и понатаму се потребни „итни и строги“ намалувања на емисиите.
Во извештајот на Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) се наведува дека емисиите на стакленички гасови до 2030 година би требало да паднат за 18 проценти во однос на нивоата од 2025 година, до 2035 година за 45 проценти, а до 2040 година за 69 проценти. Според моменталните национални планови, емисиите до 2030 година би се намалиле за само 5 до 8 проценти, а до 2035 година за 11 до 15 проценти.
Според проценките од извештајот, со моменталните политики глобалното затоплување до 2100 година ќе изнесува 2,8 степени Целзиусови, односно 2,6 степени доколку земјите во целост ги спроведат постојните климатски ветувања. Двете проценки се повисоки од оние од минатата година, што го одразува повлекувањето на САД од Парискиот договор и изменетите проценки за историските емисии.
Додека земјите се подготвуваат за следниот круг климатски преговори, КОП31, кој ќе се одржи во Турција, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека е клучно да не се откажеме од напорите за ограничување на емисиите кои поттикнуваат поплави, пожари и други природни катастрофи. „Пречекорувањето на температурниот праг не значи предавање. Сè уште можеме да се осигураме тоа да биде што е можно помало и што е можно пократко, како и да ги вратиме температурите под 1,5 степени до крајот на векот“, рече тој.
Според Парискиот договор од 2015 година, земјите се договорија да настојуваат да го задржат порастот на просечната температура значително под 2 степени Целзиусови, а идеално на 1,5 степени. Бидејќи ограничувањето на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови без пречекорување на тој праг или со негово ограничено пречекорување повеќе не се смета за остварливо, Програмата за животна средина на ОН наведе дека нејзиното ново сценарио за „најмало можно“ пречекорување дава приближно 50-процентна веројатност дека температурите до 2100 година би можеле да се вратат на 1,5 степени Целзиусови или пониско.
Во извештајот се наведува дека климатските планови претставени од минатата година речиси воопшто не влијаеле врз проекциите за идното затоплување и оти враќањето на 1,5 степени Целзиусови би зависело од отстранувањето на јаглерод диоксидот во големи размери, чија изводливост е неизвесна.





