Марио Драги за студентските протести во Европа: Младите имаат чувство дека никој не ги слуша

Поранешниот италијански премиер и поранешен претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, оцени дека младите луѓе имаат чувство оти никој не ги слуша, коментирајќи ги актуелните протести во Франција, Италија и на други места низ Европа.

Според Драги, младите се фрустрирани од перспективите за сопствената иднина, бидејќи социјалната правда кај нив подразбира и меѓугенерациска правда.

– Младите чувствуваат дека никој не ги слуша. Многу луѓе низ светот сакаат раст и социјална правда. Кај младите, социјалната правда подразбира и меѓугенерациска социјална правда, а кога немате раст, многу е тешко да ја зачувате правдата меѓу генерациите. Тоа предизвикува загриженост – истакна Драги.

Тој додаде дека младите чувствуваат оти општествената динамика е блокирана за нив и дека не можат лесно да најдат работа. Покрај тоа, според него, тие се свесни дека општеството минува низ многу брза технолошка трансформација, но чувствуваат дека ги немаат потребните услови и не се подготвени да се справат со неа.

Back to top button
Close