Хутите тврдат дека го нападнале саудискиот оперативен центар во Аден

Јеменските бунтовници Хути денеска нападнаа позиции на Саудиска Арабија во Аден, што се наоѓаат во близина на аеродромот. Тоа е трет напад врз Аден, каде се наоѓа меѓународно признаената јеменска влада, за три недели.

– Нашите вооружени сили со балистичка ракета го нападнаа саудискиот оперативен центар во кампот Бадр во Аден, објави портпаролот на Хутите, Јахија Сарија на Икс.

Претходно, одекна експлозија во близина на аеродромот во Аден откако беше погоден со ракета истрелана од Хутите.

Двајца неименувани претставници на јеменската армија наведоа дека Хутите со дронови и ракети ја нападнале воената база на аеродромот во Ал Мукала, град во јужен Јемен што е под контрола на меѓународно признаената јеменска влада.

Неколку недели Саудиска Арабија и меѓународно признаената јеменска влада се цел на напади на Хутите.

На 15 октомври Хутите истрелаа пет ракети врз претседателската палата во Аден, при што загинаа пет луѓе, а 16 беа повредени.

Следниот ден две ракети го погодија аеродромот во Аден, а Хутите соопштија дека нападот бил насочен кон саудискиот команден центар.

Хутите речиси секојдневно ги напаѓаат енергетска инфраструктура и аеродромите во Саудиска Арабија. Меѓународниот аеродром во Ријад е затворен од 10 октомври, по нападот од Хутите, при што загинаа 13 лица, а стотици беа повредени. Тоа беше најголем напад на територијата на Саудиска Арабија во изминатите десет години.

Јеменските владини сили поддржани од коалицијата, предводена од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути, поддржани од Иран, се борат за превласт од 2014 година. Хутите контролираат големи делови од земјата, вклучително и Сана, каде што бунтовниците воспоставија своите политички институции. Меѓународно признатите јеменски власти се протерани од Сана во Аден. Судирите доведоа до една од најлошите хуманитарни кризи во светот.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close