Полска ја осуди одлуката на Лавов да им оддаде почит на украинските националисти од Втората светска војна

Полскиот премиер Доналд Туск остро реагираше на одлуката на градот Лавов 2027 година да ја посвети на герилците од Втората светска војна, кои се сметаат за одговорни за масакрот врз Полјаците во западна Украина, изјавувајќи дека овој чекор „ѝ штети на Украина и им оди во прилог на оние што ѝ мислат лошо“, пренесе ДПА.

И украинското Министерство за надворешни работи ја критикуваше одлуката, оценувајќи ја како „контрапродуктивна“ и предупредi дека таа ги поткопува напорите за зајакнување на украинско-полските односи. Министерството нагласи дека резолуцијата била усвоена на регионално ниво од локално управно тело и дека ниту министерството ниту други институции на централната власт не биле консултирани за можните последици врз односите со Полска.

Регионалниот совет на Лавов вчера ја прогласи 2027 година за Година на Украинската востаничка армија (УПА) и на нејзиниот командант Роман Шухевич, совпаѓајќи се со 85-годишнината од основањето на УПА и 120-годишнината од раѓањето на Шухевич.

Шухевич командувал со УПА од 1943 до 1950 година — период во кој организацијата извршила масовни убиства врз локалното полско население на територијата на денешна западна Украина. Претходно, тој бил еден од командантите на украинскиот доброволен баталјон „Нахтигал“ (Славеј), кој како дел од Вермахтот учествувал во германската инвазија на Советскиот Сојуз и бил вмешан во прогонот на Евреите.

Најновиот спор следува по претходното влошување на односите меѓу Украина и Полска во јуни, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски на една воена единица ѝ ја додели почесната титула „Херои на УПА“. Како одговор, полскиот претседател Карол Навроцки иницираше поништување на одлуката Зеленски да го добие полскиот Орден на Белиот орел, а неколку украински и полски политичари ги вратија одликувањата што ги добиле од другата земја. Полјаците се револтирани и од плановите за оддавање почит на националистичките лидери на меморијалниот локалитет во Киев.

Полска, која е членка на ЕУ и НАТО, е близок сојузник на Украина по руската инвазија и има примено речиси еден милион воени бегалци. Премиерот Туск додаде дека претходно интензивно соработувал со Зеленски за надминување на кризата со одликувањата, истакнувајќи дека не ги разбира „самоубиствените тактики“ на регионалниот совет на Лавов. Истовремено, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски соопшти на платформата „Икс“ дека се погрижил регионалниот пратеник од Лавов, кој ја поднел резолуцијата, да биде ставен на списокот на лица на кои им е забранет влез во Полска.

Back to top button
Close