ЕУ треба да обезбеди дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Македонија, изјави Рокас

Дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Македонија се очекува да обезбеди Европската Унија (ЕУ), покрај досега издвоените 65 милиони евра. Ова денеска го кажа шефот на Делегацијата на Унијата во земјава Михалис Рокас, говорејќи на панел дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, осврнувајќи се на инструмените преку кои ЕУ ја поддржува патната, железничката, енергетската и дигиталната поврзаност на државата.
Момент од обраќањето на евроамбасадорот Михалис Рокас на панел-дискусијата / Фото: Принтскрин
Во тој контекст, евроамбасадорот, нагласи дека ЕУ е силно посветена на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, оценувајќи дека реагионалната поврзаност и зајакнувањето на отпорноста се особено важни во актуелната геополитичка реалност.
„Затоа сакаме да понудиме одговор и во сферата на безбедноста. Токму затоа, преку Европскиот мировен инструмент издвоивме речиси 65 милиони евра за Северна Македонија. Се надеваме дека наскоро ќе успееме да обезбедиме дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата и, како членка на НАТО, за унапредување на нашата безбедност“,
кажа Рокас.
Евроамбасадорот во таа насока посочи дека одговорот на Европската Унија и на Владата на актуелните предизвици е сеопфатен, бидејќи поврзаноста, економската стабилност и безбедноста се меѓусебно зависни.
„Се обидуваме на сите овие прашања да гледаме низ иста призма“,кажа евроамбасадорот.
Рокас се осврна и на инфраструктурната поврзаност, потсетувајќи дека земјата ја има поддршката од ЕУ во оваа сфера уште од 2007 година, преку повеќе финансиски инструменти. Наведе дека преку Инструментот за претпристапна помош досега биле издвоени 1,2 милијарди евра, дополнителни 1,8 милијарди евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и 750 милиони евра преку Планот за раст на Европската Унија, кој се спроведува преку Реформската агенда.
Тој појасни дека поддршката не се однесува само на патната и железничката инфраструктура, туку и на енергетското и дигиталното поврзување, како и на други активности, вклучително и техничката помош потребна за реализација на проектите.
Како една од причините за вложувањата во поврзаноста, Рокас ја посочи посветеноста на ЕУ на европската интеграција на земјава, а во тој контекст ги спомена коридорите 8 и 10.
„Силно сме посветени на тоа Северна Македонија што е можно поскоро да стане членка на Европската Унија. Но, ова влијае и врз нас и е многу важно за нас. Не станува збор само за фактот дека два витални коридора, Коридорот 10 и Коридорот 8, се вкрстуваат на само малку растојание од Скопје. Причината е и тоа што сме свесни дека денес имаме синџири на вредности и дека дури и ако се наруши само еден мал дел од нив, тоа влијае врз сите нас“,
рече евроамбасадорот.
Светот се соочува со голема неизвесност
Осврнувајќи се на поширокиот геополитички контекст, Рокас оцени дека светот денес се соочува со голема неизвесност, војни и конфликти што ги нарушуваат трговијата и транспортните рути, ги зголемуваат цените и создаваат дополнителен притисок врз домаќинствата.
Момент од панел-дискусијата насловена „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“ / Фото: Принтскрин
Тој ја спомена руската агресија врз Украина, конфликтите на Блискиот Исток и војните на африканскиот континент, вклучително и во Судан и Мали, посочувајќи дека тие влијаат и врз миграциските текови. Според него, мултилатералниот систем, создаден по Втората светска војна за изнаоѓање решенија за конфликтите, денес е сериозно ослабен.
„Земјите ширум светот, вклучително и европските, се соочуваат со тешкотии поради цените, а домаќинствата се под притисок. Не е лесно политичките елити или раководството на ЕУ да излезат и да кажат: „Извинете, тоа е поради војните, мора да најдете решенија“. Во таква ситуација сме денес“,кажа Рокас.
Според него, токму поради ваквите предизвици, заедничката работа и поврзувањето се неопходни за градење отпорност и обезбедување стабилност.
Панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, е во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“.






