Филипче бара одговори од власта и истрага за Алта банка, најави интерпелација за гувернерот Славески
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека случајот со Алта банка е уште еден доказ за криминалното работење на оваа власт, овој пат, како што нагласи, на директна штета на граѓаните и нивната животна заштеда. Бара одговор како власта дозволила влез на Алта банка во земјата, дали притоа се почитувани сите процедури, но и дали е направена контрола на средствата и нивното потекло.

Филипче најави дека ако јавноста не добие одговори на овие прашања, ќе побараат Обвинителството да се вклучи и да го расчисти случајот, дека ќе иницираат надзорна расправа во Собранието и оти ќе поднесат интерпелација за гувернерот Трајко Славески.
– Долго време предупредувавме за Алта банка. И еве проблемот се појави и кај нас. Ова е само уште еден од доказите дека оваа власт кај нас во Македонија, предводена од Христијан Мицкоски, е арамиска и криминална, За жал, сега на директна штета на граѓаните кои тоа ќе го почувствуваат по своите џебови – истакна Филипче на прес-конференцијата во македонското Собрание.
Тој потсети дека СДСМ речиси една година предупредувал за Алта банка и за информациите во српските медиуми за потеклото на капиталот и поврзаноста на луѓето зад банката со Александар Вучиќ, но и со капитал од Русија.
– Укажувавме на тоа дека тоа е банка којашто настанала од една многу мала штедилница, дека тоа се луѓе блиски на Александар Вучиќ, негови пријатели, дека во медиумите имаше информации од Србија дека тоа се пари од криминални, коруптивни зделки, од трговија со дрога, пари опљачкани од граѓаните – рече Филипче.
Побара власта да одговори дали по изборите во Србија имало трансакции во банката и какви, но и дали, иако на граѓаните им беше дозволено да подигнуваат само по 10 илјади денари неделно, правни лица правеле поголеми трансакции.
– Денес, кога им се блокирани средствата на луѓето, а им се дозволени трансакции на фирмите коишто имаат таму средства, дали се префрлаат пари и какви пари се префрлаат од еден правен на друг правен субјект? Ако на овие прашања тие не одговараат, ние бараме Обвинителството час поскоро да се вклучи во оваа работа и сите овие прашања да ги истражи – порача Филипче.
Тој истакна дека според нивните сознанија банката има капитал од околу 150 до 180 милиони евра со кои располага, а кои, како што рече, власта ќе помогне да бидат одземени од граѓаните.- Гувернерот треба да одговори на многу прашања, исто така и премиерот Христијан Мицкоски. Како дозволиле влез во земјата на Алта банка, дали се испочитувани сите процедури, дали е направена контрола на средствата и нивното потекло коишто влегле при купување на Алта банка – праша Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека последиците веќе ги чувствуваат граѓаните кои, според неговите изјави, не можат да располагаат со сопствените средства. Посебно ја истакна состојбата со единаесет илјади пензионери кои примаат пензија преку Алта банка.
– Денеска експозитурите не работат, а на граѓаните не им работат ниту картичките на банкоматите. Како граѓаните ќе си ги повлечат парите – праша тој.
За него е проблематична и пораката од гувернерот дека и покрај тоа што не можат да си ги повлечат парите, граѓаните имаат обврска да ги враќаат кредитите.
– Замислете, каков врв на безобразие. Со кои пари луѓето да враќаат кредити. Особено ако станува збор за депозитарни кредити – рече Филипче на прес-конференцијата.
Претседателот на СДСМ најави иницијатива за надзорна расправа во Собранието и интерпелација за гувернерот Трајко Славески.
– Да видиме како се дојде до оваа ситуација. Ќе поднесеме интерпелација за гувернерот Трајко Славески, којшто ги остави семејствата, пензионерите, младите без своите средства и ќе побараме надзорна расправа – рече на прес-конференцијата Филипче.






