Татковината ги препознава луѓето

Врсниците со независноста на државата имаат изгледна шанса по десетина години да кажат дека Македонија ја оправда независноста. Само до пред три години тоа никој не можеше да го каже, а да не лаже

Децата кои се врсници со независноста на државата денес, осми септември 2020, наполнија 29 години. Од утре ја трошат последната година од третата деценија. Тие генерации и тие по нив, имаат изгледна шанса по десетина години да кажат дека Македонија ја оправда независноста. Само до пред три години тоа никој не можеше да го каже, а да не лаже.

Прославите за Денот на независноста сиве овие години беа политички паради без покритие. За првпат, иако со заштитни маски на лицето од корона вирусот, татковината веќе ги препознава луѓето кои го извлекоа од слепиот колосек возот без возен ред. Додуша, не сме на брзата пруга, патуваме бавно со „данскиот кралевски“ пампур, кој стои на секоја станица бидејќи има рампи и долготрајни маневри, ама сепак почнавме да се движиме во правилна насока. На Запад.

Диверзии кон сопствената држава

Ни требаа безмалку цели 30 години да откриеме дека не може да се стигне до целта ако не се плати билетот. Да, можеби е прескап, ама ниедна цена не е повисока од таа да се стои во место на балканската калдрма.

Македонија годинава ја почнува последната етапа од европската тура. Најтешката. Но овојпат зависи само од нас дали ќе бидеме исфрлени повторно на некој спореден колосек, за да не го кочиме сообраќајот, или ќе патуваме побрзо кон Брисел, нашата крајна цел. За тоа има само еден, единствен клучен предуслов без кој не е можно да се решат домашните задачи. А, тоа е како што таковината ги препозна луѓето што влечат напред, да ги препознае и луѓето што влечат назад. Тие се тука. Не се кријат. Ги поставуваат своите барикади и рампи на секој чекор и со тоа се гордеат прикажувајќи го диверзиите кон сопствената држава и граѓани како херојски чин. Нивното препознавање ќе ги спречи сите блокади.

Најдобриот, најбрзиот и најбезболниот начин да се стаса до целта е да го направиме истото тоа што го направија другите кои го поминаа овој тежок пат. А, тоа е почитување на сите сообраќајни и други знаци и ограничувања. Не може да се стои на отворена пруга. Релевантните политички партии на власт и во опозиција, владата, парламентот, сите институции на системот, јавните личности, стручните и деловни луѓе, јавноста треба да застанат цврсто на прведната страна на историјата. Тоа е најголемиот влог во иднината на Македонија.

Ако се искрени определбите на сите кои овие цели ги зацртале во своите владини и партиски програми, во парламентарните декларации и резолуции, во ратификуваните договори со двотретинско мнозинство, во досегашната законска регулатива, во научните стратегии за долгорочниот развојот на земјата и во определбите на огромното мнозинство граѓани, тогаш не би смеело да има сериозни пречки да се остварат сите реформи предвидени со бриселските поглавја.

Партискиот натпревар би се одвивал во стекнување доверба во јавноста кој има подобри решенија да се стаса до рамноправно членство во ЕУ. Европеизацијата на Македонија е најважниот историски, политички, економски и културен процес кој треба наредните години да го одработат голем број на луѓе од сите области.

Во Хрватска за тоа беа потребни седум години од започнување на преговорите со ЕУ, со учество на над 1500 стручњаци, домашни и странски од разни области. Во Бугарија за нешто помалку време, но исто така со цврст договор меѓу сите чинители во општеството, се разбира, пред се’ меѓу сите политички партии, дека не смее да има попречување и злоупотреба на реформите во партиски пресметки и политички цели. Се’ што е во врска со условите и обврските кон ЕУ, па дури и непопуларните мерки и последици од реформските зафати и промени, не можат да бидат употребени за партиски пресметки и препукувања.

Тој консензус за членство во НАТО и во ЕУ е најважниот предуслов за успешно исполнување на обврските. Тоа и Хрватска и Бугарија и Романија со германските и француски локомотиви успешно го направија во период од пет до седум години. Сега тоа, кај нас, ќе оди малку потешко, бидејќи Франција го наметна реверзибилниот услов, а тоа значи дека може да се поништува и положениот испит доколку веќе затворените поглавја не се применуваат во практиката. Валидна е само последната оценка.

Најголемиот проблем е дома

Македонија има уште еден проблем повеќе, а тоа е надгледувањето од нашите соседи Грција и Бугарија кои ќе ја користат секоја прилика да интеревенираат ако се отстапува од прифатената рамка за отпочнување и спроведување на обврските. Но, уште поголемиот проблем не е од соседите, туку дома во сопствената акуќа, од пречките што се најавуваат од опозициските политички партии со организирање на масовни протести и „жешка есен“, кои не се насочени за побрзо остварување на обврските од ЕУ, туку за освојување на власта.

Изгубеното време и енергија за уривање на штотуку конституираниот парламент и влада ќе биде најголемата загуба за граѓаните на Македонија.

За неполна година во Македонија ќе има локлани избори. Тие ќе бидат јасен сигнал за оценките на јавноста. Ако сето ова време до комуналните избори се потроши на популистички пропаганди и протести, нема да биде потребен францускиот модел на преоценување. Ние самите ќе си напишеме една голема единица.

Ако се направи едно посолидно истражување кои се заедничките определби во програмите на сите парламентарни политички партии и се’ она што е содржано во 35-те поглавја на Брисел, резултатот е вчудовидувачки. Сите до една политичка партија, сите влади и претседатели на државата, сите парламентарни состави, потпирајќи се на заложбите на над 80 отсто од јавноста во Македонија, децидно се изјаснуваат за членство во ЕУ, за владеење на правото и независен правосуден систем, за продлабочување на демократските процеси, за економски реформи, повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните, за повиски плати и социјална заштита на сиромашните, за повеќе работни места, за подобро образование и здравство, за поефикасно земјоделство и субвенции на земјоделците, за заштита на човековата околина, а како најактуелен и најзначеан приоритет е битката против панедмијата и санирање на економските последици. Сето тоа од „А“ до „Ш“ е содржано во бриселските поглавја.

Ако веќе постои тој консензус на хартија блиску до здравиот разум е да биде и во практиката и во остварување на стратегијата да се применат европските вредности и стандарди.

Не постои поголем државен интерес и приоритет од членството во НАТО и во ЕУ со исполнување на сите реформи. Во наредните седум до десет години, за брзината одлучуваме сами. Во зависност од сработеното, Македонија може да ги оствари своите историски цели. Се разбира, доколку за тоа има согласност и единство.

Првиот чекор, покрај составување на преговарачките тимови со ЕУ според стручноста, а не според партиската припадност, по урнекот на соседите кои стасале до целта, е да се организираат неколку студиски престои на парламентарците, на нашите народни избраници, во соседна Бугарија и Грција, но и во Романија и во Хрватска и во Словенија и да се споделат и искуствата и достигнувањата на овие држави откако станале составен дел на НАТО и на ЕУ.

Ако и тоа не помага, тогаш не може да ни помогне ни Господ.

Ерол Ризаов

Извор: Дојче веле

Back to top button
Close