Алта банка го покажа штетното влијание на Белград врз Скопје


Случајот со битолската филијала на „вучиќевата“ банка, даде цврст доказ дека има тајни и не толку тајни спреги меѓу македонското и доскорешното српско раководство. Пишува Соња Крамарска

Српските аналитичари се прашуваат како е можно Алта банка во 2020 година да располагала со 170 милиони евра актива, а во 2026 сумата да се зголемила на 1,7 милијарди евра. Па веднаш заклучуваат дека е тоа невозможно без политичка поддршка на банката и без нејзина повластена позиција на пазарот во однос на другите банки.

Камо среќа овие биланси да ги знаеле и такви прашања да поставиле надлежните во Северна Македонија. Или можеби ги знаеле, но не поставиле прашања. Затоа што таков рапиден раст на средствата на една банка требало да го вклучи алармот кога истата таа банка покажала интерес да пенетрира и во нашата земја.

Рано е да се тврди дека македонскиот банкарски систем доживеал политичко мешање во одлуката дали да дозволи компромитираната српска банка да купи наша банка. Но клопчето што почна да се одмотува најпрвин во Србија, а потоа и тука, води кон таков заклучок.

Растот и падот на Алта банка во Србија и вмешаноста на Северна Македонија во таа траекторија, е удар врз угледот на нашата држава. Освен тоа е и цврст доказ за тајната, а и не толку тајна спрега меѓу македонското и доскорешното српско раководство. Бездруго и силен показател на штетното влијание на Белград врз Скопје. По именувањето во 2024 година на Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија и близок пријател со вучиќевата структура за втор човек во македонската влада, и негирањето на владини функционери од оваа партија на геноцидот во Сребреница, случајот со Алта банка е нов во низата сигнали дека Скопје остана максимално отворено кон барањата од север.

Вистинскиот сопственик неинтересен?
„Не ме интересира кој е вистинскиот сопственик на Алта банка“ – вели сега гувернерот на Народната банка, Трајко Славески алудирајќи дека српската банка ги исполнила сите законски услови да ја купи некогашната Стопанска банка – Битола, а сѐ што не е пропишано во законот не е негов проблем. Навистина ли тоа треба да биде така?

Пуштаме ли некого дома да нѝ влезе, да нѝ седне на маса, да јаде со нас, да дознае за сите наши семејни работи, да му ги довериме нашите пари, без да провериме дали е точен неговиот идентитет и кој стои зад него? За дома не, но за државни работи и за најчувствителниот сектор во државата – банкарството, очигледно да. Најлошата вест ќе биде сепак ако државата и Народна банка, читај Владата, го знаеле вистинскиот сопственик, но попуштиле пред „пријателското барање“ од Белград.

Проблематично за политичкиот резон да се дозволи влезот на Алта банка е што раководството во Србија, веројатно чувствувајќи дека му се изброени деновите, повлекло потег на ширење на својата банка на територија која им изгледала доволно пријателска за во нужда на итност да ја искористат како џокер, а Владата во Северна Македонија не ја прочитала таквата намера. Или пак ја прочитала, но не им изгледала доволно важна причина да се распрашаат за вистинскиот сопственик на Алта банка и да се прашаат како оваа банка доживеала вселенски скок во приходите само за шест години.

Реклама

Мали пропусти со тешки последици
Едно е да се одржуваат добрососедски односи, друго е да ја отвориш својата земја кон соседното државно раководство за кое и врапчињата знаеја дека ќе заврши на обвинителна клупа. Тоа е пропуст во водењето на државната политика затоа што влезот на странска банка не е само прашање на монетарна или фискална политика, туку е и прашање на надворешна и на безбедносна политика.

Ете го живиот доказ за безбедносните импликации: илјадници нервозни битолчани ја обиколуваат подружницата на Алта банка гневни на Владата и на државата. И тоа битолчани чии сограѓани се самоубиваа по губењето на своите заштеди во некогашната штедилница ТАТ, каде што државата исто така потфрли. Гувернерот, исто толку нервозен панично ги држи уздите во обид да спречи непосакувано сценарио кое може да им пресуди и на неговата кариера и на иднината на Владата која го постави на таа функција.

Владата и монетарната власт со право стравуваат од домино ефект, за кој можеме само да се молиме да не се случи.

Државава се затресе дури и во ситуација кога прометот на битолска Алта банка изнесува само еден отсто од вкупниот банкарски промет во С. Македонија. Тоа е всушност и показател дека малите грешки и пропусти понекогаш носат големи последици. Народна банка настапи со мерки кои се применуваат во такви случаи и парите на граѓаните најверојатно ќе бидат заштитени, но тоа не ја менува вознемиреноста и губењето на верба во државата.

Најпосле, прашањето што лебди е дали македонскиот државен и монетарен врв беше изигран или свесно влезе во ризичниот аранжман со банката на развластениот српски лидер Александар Вучиќ. И едната и другата варијанта не зборуваат добро за нас.

Back to top button
Close