Од утре исплата до 20.000 денари за клиентите на „Алта банка“ без картички

Граѓаните кои имаат платежни сметки во „Алта банка“ АД Битола, но немаат платежни картички, од утре, четврток, 5 ноември, ќе можат да подигнат готовина на шалтерите во главната филијала во Битола. Ќе можат да повлечат до 20.000 денари, што е максималниот дозволен износ за период од две недели, соопшти Народната банка.

Исплатата ќе се врши на повеќе шалтери во филијалата на улицата „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21. Можноста е наменета за клиентите без платежни картички, особено за пензионерите и примателите на социјална помош кои средствата ги добиваат преку сметки во банката.

За денот и часот кога треба да дојдат, граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака. Исплатата ќе се одвива во текот на повеќе денови, според утврден распоред.

Од Народната банка апелираат клиентите да ги почитуваат добиените термини и да не доаѓаат во денови кога не се повикани или порано од закажаниот час, за да се избегнат гужви и долго чекање. За оние кои нема да можат да дојдат во определениот термин ќе бидат обезбедени дополнителни термини.

Од петок, 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени за да опслужи што поголем број клиенти.

Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина и на нив нема да се извршуваат други трансакции.

Народната банка најави дека се подготвува отворање шалтери за пензионерите и примателите на социјална помош и во други градови. Деталите за овие исплати ќе бидат дополнително објавени

Back to top button
Close