„Ер Србија“ за враќањeто на авионот тргнат за Москва: „Потребни се дополнителни безбедносни проверки за еден патник“
Авионот што бил на редовниот лет JU134 на линијата Белград-Москва е вратен во Белград. „Ер Србија“ вчера објави дека авионот е вратен откако компанијата добила информации од надлежните аеродромски служби кои бараат спроведување дополнителни безбедносни проверки во однос на еден патник, пишуваат српските медиуми.

„Ербасот 320“ што полетал од Белград попладнево во 18:48 часот добил наредба да се врати во Белград во моментот кога бил над Литванија.
„Во согласност со примените упатства и сите важечки безбедносни прописи, донесена е одлука авионот да се врати во Белград, со цел целосно да се спроведат сите потребни процедури“, се вели во соопштението на „Ер Србија“.
Компанијата нагласи дека контролата на патниците и багажот се врши под надлежност на безбедносниот систем на аеродромот и на соодветните служби, како и дека екипажот постапил во согласност со сите процедури и највисоките безбедносни стандарди.
Откако „Ер Србија“ последователно добила информации дека се потребни дополнителни безбедносни проверки на аеродромот, компанијата постапила во согласност со упатствата на надлежните органи и на сите важечки процедури.
„Нова.рс. објави дека претседателот на Социјалистичкото движење Александар Вулин, претседателот на Српската народна партија Ненад Поповиќ и директорот на „Србијагас“ Душан Бајатовиќ биле во авионот на летот за Москва.
Според неофицијалните информации на порталот, утврдено е дека Александар Вулин не поминал низ безбедносната проверка, но успеал да се качи во авионот, а некој наводно му помогнал во тоа.
Наредбата за враќање на авионот ја издал директорот за корпоративно обезбедување на аеродромот во Белград, Милан Куч, поранешен член на „Кобра“. „Нова“ објави дека на снимките од безбедносните камери тој видел дека не се почитувани процедурите, односно дека Вулин не ја поминал безбедносната проверка и наредил враќање на авионот.
Како што пишува овој портал, летот нема да биде откажан, авионот пак ќе полета за Москва по детална проверка и со различен екипаж






