(ВИДЕО) Лукаревска до Славески: Проверивте ли кој е вистинскиот сопственик на Алта банка?

„Половина милион луѓе го виделе ова видео и слушнале од телевизиска дебата дека името Алта доаѓа од Александар Вучиќ и Тамара, неговата втора сопруга, верувам сте го виделе и вие”- му рече Лукаревска на Славески.

Лукаревска отвори прашања за издадената согласност за купување на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград, посочувајќи дека постојат сериозни сомнежи во однос на репутацијата на сопственикот и исполнувањето на законските услови.

„Имате издадено согласност за купување на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград на лице кое не поседува репутација, со што се загрозува сигурноста на банката, кршејќи го Законот за банки”, рече Лукаревска.

Таа посочи и на постапувањето на Европската централна банка во врска со поврзани лица на сопственикот на Алта банка, наведувајќи дека во август 2024 година биле изречени мерки за одземање на управувачките и гласачките права во Адико банка, како и парични глоби и забелешки за транспарентноста на сопственоста и потеклото на средствата.

„Решението за купување на Стопанска банка АД Битола е ваша одговорност во загрозувањето на работењето на банката спротивно на закон, спротивно на забелешките од австрискиот надзорен орган на финансискиот пазар”, нагласи Лукаревска.

Таа го отвори и прашањето за информациите за приведувањето и истрагата против официјалниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, кој, според нејзините наводи, е и член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола.

„Официјалниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, е приведен во Србија, има истрага, се споменуваат 380 милиони евра, а тој е воедно и член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола. Дали проверивте кој е вистинскиот сопственик на Алта банка?”, праша Лукаревска.

Back to top button
Close