„Мицкоски брутално лажеше, Владата на СДСМ не дала дозвола за откупување на акции од Алта“: Филипче покажа документи од 2023 година за Алта банка

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше на тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски изнесени на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието, обвинувајќи го дека ја извртува содржината на владина одлука од 24 октомври 2023 година. Според Филипче, тогашната Влада не одлучила да воспостави деловни односи со српската банка, туку го задолжила Државното правобранителство да го заштити државниот интерес.

Screenshot

„Прв сведок на надзорната расправа беше Христијан Мицкоски, а кога нема одговор, спинува и лаже. Премиерот денеска на надзорната расправа иснесе брутална лага дека Владата на СДСМ донела одлука да влезе во деловни односи со Алта банка Србија“, рече Филипче.

Тој објасни дека Давор Мацура во 2020 година ја формирал Алта банка во Србија преку преземање акции во претходна банка, а потоа настојувал да стекне сопственост над повеќе од 90 проценти од акциите.

Според неговото тврдење, за остварување на таа цел било потребно да се откупат и акциите што им припаѓале на поранешните југословенски републики, меѓу кои Македонија и Босна и Херцеговина.

Филипче тврди дека тогашната македонска Влада не дала согласност за продажба на акциите што ги поседувало Министерството за финансии, но дека Мацура добил согласност од Босна и Херцеговина.

„Давор Мацура од нашата Влада, на СДСМ, не добил дозвола да ги откупи акциите кои се на Министерството за финансии. Ама добива дозвола од Босна и Херцеговина и така се стекнува со над 90 отсто од акциите во Белгградската  Алта банка.

Според него, по стекнувањето на мнозинскиот пакет акции, согласно српското законодавство, следувало преземање и на преостанатите акции без согласност од малцинските акционери.

Филипче рече дека трансакциите се случувале во периодот од мај до август 2023 година и се повика на документи од Белградската берза.

Тој нагласи дека дури потоа, на 24 октомври 2023 година, тогашната Влада донела заклучок што Мицкоски денес го претставил како одлука за воспоставување деловни односи со Алта банка.

„А одлуката е заклучокот од владината седница да се ангажира државното правобранителство како орган кој го штити државниот интерес, да влезе во комуникација со српските институции, со цел да се заштити државниот интерес на Македонија“, рече Филипче.

Тој го обвини премиерот дека намерно ја претставува одлуката во поинаков контекст и побара Обвинителството да се вклучи во расчистувањето на случајот.

„Премиерот брутално лажеше пред јавноста. Верувам дека сите ќе бидат згрозени од лажгото Христијан Мицкоски“, изјави Филипче.

Лидерот на СДСМ праша зошто Мицкоски, според неговите тврдења, се обидува да ја пренасочи јавната расправа од околностите под кои Алта банка од Србија ја презела Стопанска банка Битола.

„Мислам дека ова е уште една причина за да се вклучи Обвинителството и да истражи зошто е пторебно премиерот да лаже и манипулира, бидејќи очигледно е дека сака нешто да скрие, како Алта банка ја купила Стопанска банка-Битола“, рече Филипче.

Прашан дали функционери на СДСМ имаат средства во Алта банка, Филипче одговори дека, според него, станува збор за обид за дефокусирање од главната тема.

„Повторно тоа е обид за дефокус. Сакаат да ја отргнат дискусијата и повторно слушате за модуларна болница, вакцини, а денес го заборави само Харис Џиновиќ. Тоа беше обид за театар и фарса“, изјави тој.

Со ова, Мицкоски и Филипче изнесоа спротивставени толкувања на постапувањето на Владата во 2023 година. Премиерот тврди дека тогашната власт одобрила влегување во деловни односи со Алта банка, додека Филипче инсистира дека целта на заклучокот била заштита на државниот интерес по веќе реализирани трансакции во Србија.ж

Back to top button
Close