(ВИДЕО) Се урна зграда во Брукли, најмалце 2 лица загинаа, а 17 се повредени

Најмалку две лица загинаа, а 17 се повредени, од кои четворица се во критична состојба, откако трикатна станбена зграда се урна во Бруклин, Њујорк. Спасувачките екипи со часови трагаат по евентуални преживеани под урнатините, а властите предупредуваат дека бројот на жртви може да се зголеми.

Screenshot

Несреќата се случила околу 16 часот во средата, на аголот на авениите Њукирк и Флетбуш, кога зградата се урнала кон соседното градилиште. Во моментот на несреќата на локацијата се изведувале ископувачки работи, а под урнатините останале заробени жители и градежни работници.

Според противпожарната служба на Њујорк, две лица биле извлечени од урнатините, но им подлегнале на повредите. Четворица повредени биле пренесени во болница во критична состојба, додека уште 12 биле хоспитализирани со стабилна здравствена состојба. Повреден бил и еден пожарникар, кој се здобил со полесни повреди. Меѓу погодените имало и седум деца, но нивната состојба првично не била соопштена.

Меѓу спасените е и шестмесечна бремена жена, која била извлечена жива од урнатините. Според сведоштвата, во моментот на уривањето во зградата имало и семејства со мали деца. Еден од жителите раскажал дека неговата сопруга и двете деца, на возраст од две и седум години, биле затрупани, но подоцна биле спасени и се очекува да бидат добро.

Повеќе од 250 припадници на противпожарната служба учествувале во спасувачката операција, со помош на кучиња трагачи. Надлежните сè уште не знаат колку лица се водат како исчезнати, а потрагата продолжила и во текот на ноќта. Се очекува акцијата да трае неколку дена.

Од противпожарната служба предупредија дека операцијата е особено опасна поради нестабилноста на урнатините и ризикот од дополнително уривање при нивното поместување.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека надлежните служби спроведуваат истрага за причините за несреќата. Раселените жители биле сместени во локален објект на ИМКА, каде што Црвениот крст им обезбедил помош и привремено сместување.

Гувернерката на сојузната држава Њујорк, Кети Хокул, изрази сочувство до семејствата на загинатите и соопшти дека нејзината администрација понудила целосна поддршка додека трае истрагата.

Back to top button
Close