„Мицкоски панично ја брани Алта банка – Савески веднаш да постапи по кривичната пријава против Славески!“, велат од СДСМ
СДСМ преку соопштение обвинува дека премиерот Христијан Мицкоски ја брани Алта банка и бара од обвинителот Ненад Савески веднаш да постапи по кривичната пријава што партијата ја поднела против гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Од СДСМ велат дека документите за влезот на Алта банка во Македонија треба да го откријат потеклото на капиталот, трансакциите и сметките, за кои партијата тврди дека се поврзани со криминални структури во Србија.
Според СДСМ, Мицкоски и Славески имале улога во влезот на банката во Македонија, а Славески јавно признал дека одлуката ја донел по консултации со премиерот.
Партијата наведува дека во Србија се води истрага поврзана со Алта банка, дека нејзиниот сопственик е приведен и дека се проверуваат сомнителни трансакции во вредност од 380 милиони евра. СДСМ тврди и дека граѓаните во Македонија се соочуваат со проблеми при пристапот до своите средства.
Од партијата сметаат дека постојат основи за сомневање за несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба и овластување при одобрувањето на преземањето на банката и спроведувањето на надзорот.
LСДСМ бара да се испита дали биле направени потребните проверки на сопственикот Давор Мацура, потеклото на капиталот и можните ризици. Од обвинителот Савески бараат да преземе мерки на претпазливост, вклучително и привремена забрана за вршење на должноста на Славески, со цел да се спречи евентуално влијание врз сведоци или уништување докази и документација.
„Обвинителството мора да покаже дека работи независно и по закон“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, случајот со Алта банка не смее да биде заташкан и дека сите инволвирани треба да сносат одговорност.






