ВМРО-ДПМНЕ: Документите ги демантираат манипулациите на Филипче и СДС, Алта банка немала забрана во ЕУ и немало основ да се спречи влегувањето во Македонија

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение тврди дека документите поврзани со Алта банка ги побиваат обвинувањата на СДСМ и Венко Филипче за нејзиното влегување на македонскиот финансиски пазар. Од партијата велат дека банката немала забрана за работа во Европската Унија, ниту била санкционирана од Европската централна банка.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека во 2023 година, за време на владата на СДСМ и ДУИ, на 194. седница одржана на 24 октомври, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими побарал Владата да одобри Државното правобранителство да воспостави деловни односи со Алта банка од Србија, во сопственост на Давор Мацура. Според партијата, ова покажува дека тогашната влада ја разгледувала можноста за соработка со истата банка и сопственик за кои денес СДСМ изнесува обвинувања.

Како дополнителен аргумент, од ВМРО-ДПМНЕ ги посочуваат податоците објавени на официјалната интернет-страница на Адико банка во Виена, според кои Алта банка од Белград поседувала 9,63 отсто од акциите на оваа банка, удел што, како што наведуваат, го има и денес.

Од партијата додаваат дека Алта банка склучила договор со Рајфајзен банка од Виена за планираното преземање на Адико банка и пренесувањето на нејзините филијали во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Според ВМРО-ДПМНЕ, соработката била прекината откако на Алта банка ѝ била одземена лиценцата во Србија.

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека овие податоци се спротивни на тврдењата на СДСМ дека банката имала забрана за работа во ЕУ. Од партијата нагласуваат дека македонските институции треба да постапуваат согласно законите и своите надлежности, а не врз основа на политички обвинувања.

Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ и Венко Филипче да објаснат зошто нивната влада во 2023 година ја разгледувала деловната соработка со Алта банка, а денес ја критикуваат истата институција. Партијата го повика Јавното обвинителство да ги испита, како што наведува, сомнежите и да поведе постапка против претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Back to top button
Close