Северна Македонија на 41. место меѓу 48 европски економии според проектираниот БДП по жител за 2026 година.


Даниела Трпчевска-Зафировска

Северна Македонија е рангирана на 41. место меѓу 48 европски економии според проектираниот БДП по жител за 2026 година. На врвот на листата се Лихтенштајн, Луксембург и Ирска.

Северна Македонија се наоѓа на 41. место меѓу 48 европски економии според проектираниот бруто-домашен производ (БДП) по жител за 2026 година, покажуваат податоците од најновото рангирање на „Вижуал капиталист“ (Visual Capitalist), изработено врз основа на октомвриските проекции на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Македонија зад Србија, Црна Гора и Албанија

Според проекциите, БДП по жител во Северна Македонија ќе изнесува 11.762 долари. Од земјите во регионот, пред неа се Србија со 17.126 долари, Црна Гора со 16.211 долари и Албанија со 13.968 долари по жител.

Босна и Херцеговина е рангирана на 43. место со 10.845 долари по жител, додека Украина е последна на листата со 7.075 долари.

Според податоците на ММФ, разликата меѓу Северна Македонија и најбогатите европски економии останува значителна. БДП по жител во Германија, на пример, изнесува 65.699 долари, што е повеќе од пет пати над македонското ниво.

ММФ во април годинава предупреди дека растот на цените на енергијата, поврзан со конфликтите на Блискиот Исток, може повторно да ги засили инфлациските притисоци и да влијае врз економските изгледи на Северна Македонија.

Во Завршната изјава на Мисијата на ММФ беше наведено дека растот на реалниот БДП се очекува да изнесува 3,1 процент во 2026 година, додека инфлацијата би можела да достигне околу 4,5 проценти поради повисоките цени на нафтата. Фондот процени и дека дефицитот на тековната сметка би можел да се прошири на околу 5 проценти од БДП, пред постепено да се намалува во следните години.

денари
БДП по жител во Германија, на пример, изнесува 65.699 долари, што е повеќе од пет пати над македонското ниво.Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Лихтенштајн, Луксембург и Ирска на врвот на европската листа

Највисоко рангирана европска економија е Лихтенштајн со проектирани 230.417 долари БДП по жител во 2026 година.

Следуваат Луксембург со 155.733 долари и Ирска со 127.837 долари. Во групата земји со повеќе од 100.000 долари БДП по жител се и Швајцарија, Норвешка и Исланд.

Интересно е што Германија, иако е најголемата економија во Европа според вкупниот БДП, е рангирана на 12. место според БДП по жител. Франција е на 18., а Италија на 19. позиција.

Според анализата на „Вижуал капиталист“, високите позиции на Лихтенштајн и Луксембург делумно се должат на силниот финансиски сектор, високата продуктивност и големиот број прекугранични работници кои придонесуваат за економската активност во овие земји.

 

Back to top button
Close