Почина поранешниот репрезентативец Агрон Мемеди на 46 години

Тажна вест го потресе македонскиот фудбал. На 46-годишна возраст ненадејно почина поранешниот македонски репрезентативец и член на стручниот штаб на тетовска Шкендија, Агрон Мемеди.

Според првичните информации, трагичниот настан се случил за време на денешниот тренинг на Шкендија, кога Мемеди ненадејно колабирал. Веднаш биле направени обиди да му се укаже помош, но, за жал, тој починал на пат кон болницата во Тетово.

Мемеди зад себе остави богата фудбалска кариера, во која настапуваше за повеќе македонски клубови. Најголем дел од своите играчки успеси ги оствари во дресот на Ренова, со која ја освои шампионската титула во македонското првенство. Во текот на кариерата беше и член на скопски Металург.

Неговите настапи на домашната фудбалска сцена му донесоа и повик во македонската сениорска репрезентација, за која во 2010 година забележа еден настап.

По завршувањето на играчката кариера, Мемеди остана посветен на фудбалот, продолжувајќи го својот професионален ангажман како дел од стручниот штаб на Шкендија. Своето искуство и знаење ги пренесуваше во клубот, останувајќи активно вклучен во фудбалските случувања.

Неговата ненадејна смрт претставува голема загуба за семејството, пријателите, соработниците и македонската фудбалска јавност.

Причината за ненадејната смрт засега не е официјално соопштена.

Back to top button
Close