Ковачевски до министерот Хоџа: Каде заглавија регионалните депонии и зошто е намалено европското финансирање за 40 отсто

Пратеникот од СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната собраниска седница му постави прашање на министерот за животна средина, Муамет Хоџа, во врска со доцнењето на проектите за регионално управување со отпадот и реализацијата на центрите во Новаци, Русино и Свети Николе.

Ковачевски посочи дека и покрај долгогодишните најави и обезбедените европски средства, граѓаните сè уште се соочуваат со диви депонии, запален отпад и сериозно загадување. Тој посебно се осврна на проектот во Источниот и Североисточниот Регион, чија вредност е зголемена за 40 отсто, додека учеството на европските средства е намалено од 85 на 35 отсто.

Во своето обраќање пред Парламентот, Ковачевски интегрално го прочита прашањето:

„Управувањето со отпадот е еден од најсериозните и најдолгорочните инфраструктурни и еколошки проблеми во државата. И покрај тоа што со години се подготвуваат стратегии, се изработуваат студии, се обезбедуваат европски средства и се најавуваат регионални центри, граѓаните сè уште живеат со диви депонии, запален отпад, загадување на воздухот, почвата и водите. Ова не е само прашање на комунална хигиена. Станува збор за јавно здравје, заштита на животната средина, но и за начинот на кој се управуваат јавните инвестиции и европските средства.“

Тој побара прецизни одговори за статусот на проектите и финансиската состојба:

„Прво, во која реална фаза се трите регионални центри – Новаци, Русино и Свети Николе? Барам за секој од овие проекти да дадете конкретни одговори. Дали е завршена проектната документација? Дали се обезбедени сите потребни дозволи? Дали се спроведени постапките за јавни набавки? Дали се избрани изведувачи и дали се склучени договори за изградба? Колку финансиски средства се потрошени досега, колку се обезбедени и кои се реалните рокови за започнување и завршување на изградбата, како и за ставање на центрите во функција?“

Во вториот дел од прашањето, Ковачевски се фокусираше на ризикот од губење на европските фондови:

„И второ, што конкретно ќе преземете за да се спречи губењето на европските средства? Како ќе се покрие зголеменото национално кофинансирање и дали ќе биде утврдена институционална одговорност за зголемувањето на вредноста на проектот за 40 проценти и намалувањето на европското учество од 85 на 35 проценти? Односно, дали Министерството има усвоено единствен, обврзувачки временски план за реализација на регионалните системи, со јасно утврдени рокови, финансиски обврски и одговорни институции?“

На крајот, тој порача дека граѓаните не можат да живеат од проекти на хартија ниту од дигитални системи за следење на депониите додека секојдневно се соочуваат со загадениот воздух.

Back to top button
Close