ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС бегаат од надзорна расправа за Алта банка и продолжуваат да лажат дека банката имала забрана за работа во ЕУ
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвинува дека СДСМ и претседателот на партијата, Венко Филипче, избегнуваат продолжување на надзорната расправа за „Алта банка“, иако претходно инсистирале на нејзино одржување. Од партијата тврдат дека опозициските обвинувања за наводна забрана за работа на банката во Европската Унија се неточни.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Филипче со денови ширеле паника со тврдења дека банката е неликвидна, дека може да пропадне и дека граѓаните би можеле да ги загубат своите пари. Владејачката партија оценува дека овие обвинувања ја доведувале во прашање стабилноста на банкарскиот систем.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сега, кога треба да се одговара на прашањата за случајот, СДСМ и Филипче избегнуваат соочување. Притоа, партијата отвора прашања за наводните деловни релации на СДСМ и ДУИ со „Алта банка“ и Давор Мацура.
„Кој ја говореше вистината за Алта банка? Зошто СДСМ и Филипче ширеа паника и зошто сега се избегнува надзорната расправа?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачуваат дека Филипче и СДСМ должат одговори и дека со избегнување на расправата не можат да ги отстранат отворените прашања во врска со банката и наводните деловни релации.






