„Ниту една повеќе“: Денес граѓанска блокада пред Владата против фемицидите
По седум убиени жени за неполни три месеци, граѓанските организации и активистките денеска излегуваат на протест пред Владата, барајќи одговорност од институциите и итни мерки за заштита од родово базирано насилство.

Мирниот собир е најавен за 13 часот, кога иницијативата „Ниту една повеќе“ и Платформата за родова еднаквост ќе ја блокираат улицата пред Владата во Скопје. Организаторите ги повикаа граѓаните да им се придружат без партиски обележја.
Блокадата е реакција на, како што посочуваат организаторите, недостигот од навремена заштита и превенција од страна на надлежните институции. На протестот ќе бидат прочитани барањата за итни промени во постапувањето на полицијата, центрите за социјална работа и правосудните органи.
Од граѓанските организации посочуваат дека, и покрај тоа што фемицидот е предвиден како посебно квалификувано кривично дело во Кривичниот законик, законските измени не се доволни без функционален систем за рано препознавање и процена на ризикот. Тие предупредуваат дека жртвите често остануваат незаштитени и по пријавувањето на насилството.
Организаторите бараат доследна примена на Истанбулската конвенција, итна заштита на жените што пријавуваат насилство и конкретна одговорност за службениците кои не постапиле по пријавите.






