Големите сили повторно на заедничка маса

Денко Малески

Ова е добар ден за светскиот мир – големите сили се повторно на заедничка маса. Длабоко втиснато во македонската и во свеста на многу народи на светот е дека е тоа нешто лошо зашто тие сенешто „не парчат и не делат“. Оттаму, во светската јавност, сегашнава средба на Трамп, Си и Путин ја споредуваат со она на Јалта во 1945 кога светот е поделен на сфери на интерес.

Но, она што се заборава е дека на тој состанок, на иницијатива на американскиот претседател Рузвелт, е апсолвирана една поважна точка на дневниот ред: се постигнува договор за создавање на организација чија што задача ќе биде зачувување на светскиот мир – Обединетите нации. Четрите тогашни големи сили, Америка, Русија, Велика Британија и Франција, наречени од Рузвелт „светски полицајци“, требаа заеднички да работат на зачувување на мирот. Идејата беше дека секоја од нив, со право на вето во Советот за безбедност, ќе мора да работи на консенсус со другите големи сили во потрага по решенија за светските проблеми, особено за прашањата наречени „војна и мир“. Ветото, еден вид бушон во струјното коло, вграден за да не се запали светот, ги упати големите сили на согласност зашто само во свет во кој тие се задоволни са статус квото нема да има светска војна. И тогаш и денес, во анархичната структура на меѓународниот систем во кој нема светска влада, ова е единствено решение да се сочува мирот.

Системот на ОН функционираше релативно успешно се до почетокот на деведесеттите кога, под финансискиот товар на Студената војна, колабира една од големите сили – Советскиот сојуз. Кога руската моќ се повлече од Источна Европа, вакуумот беше пополнет со моќта на Америка, во реалноста демонстрирано со проширувањето на НАТО на Исток. Настапи таканаречениот униполарен момент на светската историја во кој со светот завладеа само една голема сила – Америка. Неспособни да гледаат потака од моментот и полни со ароганција и гордост, американските политичари веруваа дека приматот на нивната земја никогаш нема да биде предизвикан.Во ОН, каде што бев на служба, почна де се шепоти дека решенијата во Повелбата, како онаа за ветото и рамноправноста на големите сили, се застарени и дека американската сила дамна ги пробила тие нормативни граници. За прв пат, една голема сила, без дозвола од Советот за безбедност, нападна друга држава и ги прецрта грниците помеѓу Србија и Косово. Русија, се разбира, беше против но неа веќе никој не ја прашуваше за ништо. Останатото е историја на ширење на американската моќ и на протести на Русија, која не доведе каде што сме денес – на работ на војна меѓу големите сили околу Украина. И додека, според Повелбата на ОН, големите сили требаа да бидат во перманентна комуникација, администрацијата на Бајден одбиваше да зборува со Москва, погрешен пристап до кој сега се држи ЕУ.

Денес, големите сили на нашево време, Америка, Кина и Русија, се повторно на иста маса. Доволно е да се согласат да се вратат на Повелбата на ОН и во меѓусебните раговори да си речат дека ќе внимаваат на безбедносните интереси на другата страна, за да се согласам со констатацијата на Трамп дека ова е „историски состанок“.

 

Back to top button
Close