Автобусите и камионите под засилена полициска контрола во Македонија

Автобусите и товарните возила се под засилена полициска контрола во Македонија во рамките на меѓународната акција „Truck & Bus“, која се спроведува од 16 до 22 ноември 2026 година.

Акцијата ја спроведува македонската сообраќајна полиција, како членка на Европската мрежа на сообраќајни полиции (ROADPOL), со цел спречување сообраќајни незгоди, откривање и санкционирање прекршоци и зголемување на безбедноста на патиштата.

При контролите посебно внимание се посветува на техничката исправност и безбедносната опременост на автобусите и товарните возила, како и на исполнувањето на законските услови за организиран превоз на деца и патувања во рамките на училишни, образовни и рекреативни активности. Полицијата ја проверува и психофизичката состојба на возачите, односно нивната способност безбедно да управуваат со возилата.
Паралелно се контролираат и останатите учесници во сообраќајот, со акцент на пребрзото возење, управувањето под дејство на алкохол или психотропни супстанции, некористењето сигурносен појас и неправилниот превоз на патници.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат до возачите и превозниците да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, нагласувајќи дека одговорното однесување и исправноста на возилата се важни за спречување незгоди и заштита на човечките животи. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close