(ВИДЕО) „После толку жртви Тошковски одамна требаше да даде оставка – СДСМ со месеци предупредува“, вели Поповиќ

На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за политичка одговорност поради, како што рече, пропустите во превенцијата, непостапувањето на полицијата и недоволната заштита на жртвите на насилство.

Поповиќ истакна дека СДСМ со месеци предупредува за институционални пропусти и неказнивост, кои, според партијата, создаваат атмосфера во која насилниците се чувствуваат охрабрени, додека жртвите остануваат без соодветна заштита.

Таа ги посочи случаите на Биљана од Богданци, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје, како и убиствата на пет жени во Старо Нагоричане. Според Поповиќ, во дел од овие случаи претходно имало пријави и барања за помош, но институциите не реагирале соодветно.

Осврнувајќи се на случајот со насилството врз Сара од Охрид, таа оцени дека институциите не ја гарантираат безбедноста на жените и дека реакцијата на граѓаните, СДСМ и невладините организации била клучна за случајот да добие поголемо внимание.

Поповиќ ја критикуваше и одлуката за случајот со убиството на Росица во Велес, тврдејќи дека одговорноста била префрлена само врз полициските службеници, додека високите полициски функционери останале надвор од одговорноста. Таа обвини дека министерот Тошковски има политичка заштита од премиерот Христијан Мицкоски.

„Одговорноста мора да почне од врвот, од министерот Панче Тошковски“, порача Поповиќ, повикувајќи на прекин на неказнивоста и поголема одговорност на институциите.

Back to top button
Close