Ако сè е во ред, зошто Мицкоски вели дека ќе ја спаси Алта банка – прашуваат од СДСМ

„Затоа што не е во ред. Затоа што е пералница за пари на Вучиќ. Затоа што парите на граѓаните и јавните претпријатија се таму. Затоа што Мицкоски и Славески знаат дека ќе одговараат. Вистината излегува на виделина. Бандата ќе одговара“, велат од опозициската партија

Премиерот Христијан Мицкоски вели ќе ја спаси Алта банка. Зошто да ја спасува ако сè е во ред, прашуваат од Социјадемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и истовремено обвинуваат дека премиерот и гувернерот на Народната банка Трајко Славески брзаат да ја продадат банката затоа што, како што тврдат од опозициската партија, станува збор за пералница на пари.

Обвинувањата што социјалдемократите од Бихаќка утрово повторно ги упатија до Мицкоски и гувернерот, се во контекст на најавената аукција за продажба на Алта банка АД Битола и продолжението на надзорната расправа во Собранието за случувањата во врска со банката закажана за в среда (25 ноември).

Оттаму потсетуваат дека и покрај тврдењата на Славески дека е сè во ред банката, во неа е воведена принудна управа од страна на Народната банка, а нејзиниот доминантен акционер Алта банка Белград е под стечај и против сопственикот на српската банка, Давор Мацура, е поведена истрага и одреден му е притвор.

„Трајко Славески изјави дека сè е во ред. Веќе следниот ден воведе принудна управа. Во Србија Народната банка изјави дека сè е во ред, па истата вечер ја одзеде дозволата. Банката отиде во стечај. Алта лизинг е без дозвола за работа, Мацура е во притвор. Ете толку е ‘во ред’. Ако банката е во одлична форма, како што велеа, зошто сега треба да се спасува?“велат од Социјалдемократскиот сојуз во утринското соопштение.

Во продолжение, од опозициската партија реторички прашуваат зошто се брза со продажба на банката, дури и под пазарната вредност и зошто, како што велат, се кријат сметките и трансакциите.

„Затоа што не е во ред. Затоа што е пералница за пари на Вучиќ. Затоа што парите на граѓаните и јавните претпријатија се таму. Затоа што Мицкоски и Славески знаат дека ќе одговараат. Вистината излегува на виделина. Бандата ќе одговара“порачуваат од СДСМ.

Инаку, соопштението на опозиционерите може да се толкува и како реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дадени викендов во врска со случувањата со Алта банка АД Битола.

Tој во саботата (21 ноември) одговарајќи на новинарски прашања на настан, рече оти очекува успешно да заврши процесот за продажба на Алта банка, потврдувајќи дека интерес за преземање на банката пројавила Комерцијална банка. Мицкоски го повтори ставот на власта дека случајот со Алта банка АД Битола е „увезен проблем“, односно последица на, како што кажа, случувањата во Србија.

„Благодарение на навремените мерки коишто ги презема регулаторот, Народната банка, и процесите коишто потоа следеа, имаме закажана јавна аукција на 30-ти овој месец“кажа премиерот.

Во вчерашното обраќање на 35-тата годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, говорејќи на темата, тој ја обвини опозицијата дека поради отсуство на идеи и програми, е насочна кон манипулација на јавноста и ширење дезинформации во врска со Алта банка. Премиерот повторно наведе дека СДСМ додека била на власт ги започнала деловните односи со Алта Банка Србија и нејзиниот сопственик.

Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче вчера на прес-конференција обвини дека власта ги довела во ризик парите на граѓаните и компаниите со тоа што ѝ дозволила на Алта банка да влезе во банкарскиот сектор во Македонија. Тој повторно ги отфрли наводите на Мицкоски дека претходната власт стои зад влезот на банката, оценувајќи дека премиерот, „после сите лаги на надзорната расправа“, нема кредибилитет да говори на темата.

Постапката за продажба на Алта банка АД Битола, Народната банка ја објави пред точно една недела. Таа опфаќа 372 742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот капитал што ѝ припаѓа на матичната Алта банка АД Белград, која е во стечај. Продажбата преку Македонската берза ќе се реализира по принципот „сè или ништо“, што значи дека новиот сопственик ќе мора да го откупи целиот понуден пакет.

Надзорната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет во врска со Алта банка АД Битола, која почна на 11 ноември и по целодневна дискусија беше прекината на неодредено време, ќе продолжи в среда (25 ноември 2026 г).

Back to top button
Close