Хакери го нападнале универзитетот „Гоце Делчев“

Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)– Штип во текот на изминатата недела бил цел на сајбер-напад насочен кон дигитална инфраструктура. Раководството на Универзитетот информира дека веднаш по детектирањето на неовластената активност, техничките тимови на Универзитетот постапиле согласно со актуелните безбедносни протоколи и превентивно ги изолириле засегнатите системи, со цел да се спречи понатамошно ширење на инцидентот.
-Настанот веднаш беше официјално пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), како и до останатите надлежни институции. Во изминатите денови, стручен тим за дигитална форензика и сајбер-безбедност, во координација со нашите информатички служби и според пропишаните стандарди, спроведе детална форензичка анализа на инцидентот-се вели во соопштението од УГД-Штип.
Во тек е целосна санација на инфраструктурата и подготовка за безбедно пуштање на сите сервиси во функција.Потврдуваат дека резервните копии на сите универзитетски системи и бази на податоци се целосно валидни, зачувани и во одлична состојба, што овозможува сигурно и контролирано враќање на сервисите. Сервисите ќе се вратат по целосното завршување на форензичката постапка и безбедносните проверки, ќе започнат со етапно и контролирано пуштање во употреба на дигиталните сервиси.






