Рама објави слика од средба со Филипче во Битола, го нема македонското знаме


Албанскиот премиер Еди Рама на „Фејсбук“ објави серија фотографии од вчерашната посета на Битола по повод Денот на албанската азбука. На една од фотографиите е овековечена средба со лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во Албанскиот конзулат во Битола.

На фотографијата, Рама и Филипче седат пред знамињата на Албанија и на НАТО, а во просторијата не е истакнато македонското државно знаме.

Ниту Филипче ниту СДСМ не објавија дека лидерот на опозициската партија се сретнал со Рама. Фотографијата на Рама на „Фејсбук“ ја објави само Агрон Демири од СДСМ, кој подоцна ја избриша објавата.

Од СДСМ за „Фокус“ во врска со сликата велат дека се работело за неформална средба:

„Станува збор за неофицијална средба на нивно барање во просториите на конзулатот на Република Албанија во Битола. За знамињата прашајте во конзулатот“, одговориле од СДСМ на прашањето на порталот.

Back to top button
Close